Доколку во некои училишта има повеќе кандидати со ист број бодови, квалификациското тестирање ќе се одржи на 29 јуни, кога ќе бидат објавени и конечните ранг-листи

Учениците кои во првиот пријавен рок не се запишаа во средно образование во учебната 2026/2027 година, оваа недела ќе имаат нова можност. Второто пријавување од јунскиот рок ќе биде во вторник, на 23 јуни, преку електронско аплицирање, соопшти Министерството за образование и наука (МОН).
По електронската апликација, учениците ќе треба да ја достават потребната документација во училиштата на 24 јуни. Според роковите на МОН, ранг-листата со резултатите од запишувањето ќе биде објавена на 25 јуни до 12 часот во училиштата и на нивните веб-страници. Доколку во некои училишта има повеќе кандидати со ист број бодови, квалификациското тестирање ќе се одржи на 29 јуни, кога ќе бидат објавени и конечните ранг-листи.
Вкупно 11 882 слободни места се на располагање за вториот уписен рок од кои за настава на македонски јазик се 7 404 слободни места, за албански јазик слободни се 4 002 места, 456 се за настава на турски јазик и 20 слободни места има за настава на српски јазик.
На првото пријавување, како што велат од МОН, електронски аплицирале 15 075 ученици, од кои запишани се 13 397 ученици.
