Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ вчера ја напуштија средбата на пратеничките групи со две барања – да биде организирана јавна расправа за законот и на средбите да присуствува државниот обвинител Јовески. Јовески пак, во изјава за „360 степени“ вели дека прифаќа да биде дел само од стручна расправа, но не и од партиски договарања
Пратеникот на СДСМ, Александар Кирацовски денеска на Фејсбук објави дека во вторник во 14 часот во Собранието ќе се одржи и јавна расправа насловена како „Јавното обвинителство како ефикасен орган во борба против корупцијата“. Ова, иако без конкретен датум го најави и министерката за правда Рената Дескоска по средбата со пратеничките групи.
Организирање јавна расправа за предлог законот за ЈО е едно од барањата што опозициските претставници го изнесоа вчера пред да го напуштат состанокот десетина минути по почетокот.
Второто барање беше на средбите да присуствува и државниот обвинител Љубомир Јовески.
Јовески вчера во изјава за „360 степени“ рече дека прифаќа да учествува во стручна расправа, но не и во политички договарања. Тој исто така ја коментираше и изјавата што ја дал на 24 декември 2019 г а на која вчера се повика пратеникот Антонијо Милошоски како причина Јовески д абиде повикан на средбите.
„Веќе се изјаснив дека ако се отвори стручна расправа и ако бидам повикан, ќе учествувам на расправата, а во политичките договарања за донесување на законот не му е местото на јавниот обвинител на Република Северна Македонија. Тогаш дадената изјава се однесува на интенцијата за вградување политички решенија во текстот на законот, особено во постапката за избор на обвинител кој ќе раководи со едно од обвинителствата. Бев член на работната група што го изработи текстот на законот, кој беше разгледан и во обвинителството и сметам дека тој обезбедува професионално и самостојно обвинителство“,
вели Јовески за „360 степени“.
Зошто ВМРО-ДПМНЕ го бара Јовески
„Она што е неопходно, не заради Брисел, е носење на нов закон за јавно обвинителство, но ќе подвлечам, квалитетен и издржан закон, а не решенија кои ќе бидат резултат на дневнополитички договарања. Подобро да не се донесе закон отколку да се изгласа закон со вакви решенија“.
Оваа изјава на Јовески е причината претставниците ВМРО-ДПМНЕ вчера да ја условат средбата и со барањето Јовески да присуствува на состаноците.
„Министерката самата кажа дека претходно, во текот на декември, се консултирала со Јовески, а ние како пратеници не би имале можност да ги слушнеме неговите забелешки кои јавно ги изнел дека се работи за дневнополитички решенија… Изнесените забелешки на Јовески и, би рекол, остри критики од декември 2019 г. се премногу силни за да може тој, како јавен обвинител, да биде заобиколен на толку битни средби… Сметаме дека сите забелешки и амандмани треба да ги доставиме во присуство на републичкиот обвинител Љубомир Јовески како човек кој досега изразил најсериозна критика за овој предлог-закон“,
рече Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ по напуштањето на состанокот.
Милошоски се повикува на оваа изјава на Јовески бидејќи актуелниот тескт на законот кој е на преговарачка маса до ВМРО-ДПМНЕ е доставен на 12 декември лани.
Но Јовески вчера за „360 степени“ вели дека дадената изјава се однесува на предлогот за вградување на политички решенија во изборот на обвинител кој ќе раководи со едно од обвинителствата.
За вградувањето на политичките решенија во постапката за избор на шеф на едно обвинителство, кое го наведува Јовески, од дебатите кои се одвиваа изминатиот период познато е дека се споменуваа две варијанти. Едната од нив беше републичкиот јавен обвинител да се избира по предлог на опозицијата, додека другата беше опозицијата да го предлага шефот на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Пред два дена на прес конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски предлог законот го нарече „антиуставен, антиреформски и антиевропски“, составен, како што рече, согласно со желбите на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за заобиколна амнестија на одредени лица. Сепак изрази подготвеност за преговори, но не и за компромиси.
Тој рече дека голем дел од членовите во новиот предлог-закон се неприфатливи за ВМРО-ДПМНЕ бидејќи со повеќе одредби, според него, се крши Уставот и обвинителството се става под контрола на власта. Токму на оваа прес конференција Мицкоски го покрена прашањето за вклученоста на експерти во подготовката на законот.
Одговарајќи на новинарско прашање за изборот на јавиот обвинител, Мицкоски не одговори децидно туку рече дека остануваат на нивниот познат став.
Тоа од лидерот на СДСМ Зоран Заев беше оценето како останување на барањето опозицијата да го предлага јавниот обвинител. Ова, како што рече Заев е директна порака од Мицкоски дека нема да учествуваат во преговорите за законот за јавно обвинителство доколку не се прифатат нивните забелешки и предлози и е резултат на инструкции што доаѓаат од Будимпешта.
По посетата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, донесувањето на законот за јавно обвинителство се наметна повторно како неформален критериум пред идните одлуки на ЕУ за почеток на преговорите со земјава. Еврокомесарот препорача законот, за кој со месеци преговараат власта и опозицијата, да биде донесен до распуштањето на овој собраниски состав, што би значело до 12 февруари.
По иницијалната средба на претставниците на власта и опозицијата Бојан Маричиќ и Тимчо Муцунски на почетокот на неделава, вчерашната средба беше втора во низа, која ја напуштија само претставниците на ВМРО-ДПМНЕ. Јавната расправа што ќе се одржи следната недела на која како што најави Дескоска ќе биде поканет и Јовески, ќе ги исполни и последните условувања од ВМРО-ДПМНЕ за нивно учество во преговорите.