Опозицискиот лидер нагласи дека голем дел од членовите во новиот предлог-закон се неприфатливи за ВМРО-ДПМНЕ бидејќи со повеќе одредби, според него, се крши Уставот и обвинителството се става под контрола на власта.
„Вистински“ преговори за законот за јавно обвинителство треба допрва да почнат, со оглед на тоа што претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на денешната прес-конференција, изнесе серија забелешки за последниот предлог поднесен од Министерството за правда. Мицкоски предлогот го нарече антиуставен, антиреформски и антиевропски, составен, како што рече, согласно со желбите на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за заобиколна амнестија на одредени лица.
„Сакавме прво вака транспарентно да ги објавиме нашите забелешки на предлог-законот. Забелешките ќе ги доставиме и до предлагачот. Подготвени сме да преговараме за донесување на законот за јавно обвинителство, ама не сме подготвени на компромиси кои не се во согласност со Уставот, европските критериуми и принципот на владеење на правото“,
рече Мицкоски.
Тој нагласи дека голем дел од членовите во новиот предлог-закон се неприфатливи за ВМРО-ДПМНЕ бидејќи со повеќе одредби, според него, се крши Уставот и обвинителството се става под контрола на власта. Обвини и дека при подготовката на ова законско решение не биле консултирани експерти. Затоа, пак, како што рече, ВМРО-ДПМНЕ консултирала стручни лица, кои се подготвени да ги бранат забелешките.
„Квалитетен закон за јавно обвинителство претпоставува решение според кое Заев и неговата екипа ќе треба да одговараат и да се докажуваат низ една транспарентна и законита постапка за сите обвинувања за криминал и афери. Последниот што има интерес во државата од квалитетно решение за јавно обвинителство е Заев. Затоа се толку силно фокусирани кон опструкции за носење квалитетно законско решение, но и наметнување предлог-закон кој ќе гарантира своевидна амнестија на криминалот на власта преку целосна контрола врз обвинителството“,
рече Мицкоски.
Според него, со новиот законски предлог се предвидува формирање посебно обвинителство, со енормно високи плати и додатоци на посебна, како што рече, каста на привилегирани обвинители, а на штета на обвинителите во редовното обвинителство.
„Предлагаат закон кој е противуставен спротивен на кривичното право. Со него му се наметнува обврска на Советот на јавните обвинители да ги префрли обвинителите од СЈО во рамки на новото обвинителство за организиран криминал и корупција“, рече Мицкоски.
Откако Заев деновиве најави дека разговара и со други политички субјекти за обезбедување двотретинско мнозинство за законот за јавно обвинителство, што би можело да значи исклучување на ВМРО-ДПМНЕ од гласањето, Мицкоски нагласи дека не постои притисок што не може да го издржи, кога станува збор за заштита на правото, Уставот и на законите.
„На крајот, демократско право на секој политичар е да се обиде да разговара со пратениците во рамки на парламентот. Да ги убедува доколку цени дека има капацитет да собере мнозинство. Нека си соберат, нека си тераат и тоа е тоа. Ние не можеме ваков предлог да поддржиме. Подготвени сме да разговараме, да преговараме. Кога ќе има од спротивниот табор, односно од предлагачот, луѓе кои се подготвени да преговараат, стоиме на располагање“,
рече Мицкоски.
По посетата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, донесувањето на законот за јавно обвинителство се наметна повторно како неформален критериум пред идните одлуки на ЕУ за почеток на преговорите со земјава. Еврокомесарот препорача законот, за кој со месеци преговараат власта и опозицијата, да биде донесен до распуштањето на овој собраниски состав, што би значело до 12 февруари. На прашање дали е песимист дека законот ќе се донесе дотогаш, Мицкоски повтори дека е подготвен да преговара.
„Подготвени сме да седнеме со предлагачот и да видиме дали е подготвен да се откаже од нивните две цели: тоа е заштита на основаното сомневање за сторен криминал на Заев и на оние што се слуги на Заев, а чии процеси се враќаат на почеток или пак се наоѓаат на дното од приоритетите во обвинителството и судовите; и како второ да го обезбедиме она што за нас е важно, а тоа е да има вистинско владеење на правото и законот да биде во согласност со европскиот дух, реформскиот дух и со Уставот. Ако ме прашувате дали сум подготвен да правам компромис, не, не сум подготвен за овој предлог ниту јас ниту, пак, кој било од тимот што преговара со предлагачот“,
рече Мицкоски.
*Поврзани вести
Ќе заврши ли законот за јавното обвинителство како Преспанскиот договор?