Средбата на Бојан Маричиќ, како претставник на власта и на Тимчо Муцунски, како претставник на опозицијата, на која се разговарало за законот за јавно обвинителство, завршила.
Таа се одржала на Правниот факултет во Скопје.
На средбата се разговарало за можните решенија и одглавувања на дијалогот околу ова прашање.
„Најавени се предлози и забелешки од страна на ВМРО-ДПМНЕ, кои ги изработуваат стручните тимови, по што се очекува и средба на работните групи кон крајот на оваа или наредната недела. Камен на сопнување продолжува да биде неизбалансираното законско решение со кое засега не се гарантира независно јавно обвинителство кое не е подложно на политички злоупотреби“,
брифираат извори од опозицијата.
И извори од СДСМ брифираат за истите работи – дека било договорено ВМРО-ДПМНЕ да достави конкретни писмени забелешки за предлог-законот од власт, по што треба да следува средба на работните групи до крајот на неделава. Меѓутоа, посочуваат дека опозицијата негодува за постапките на СЈО.
„Постапките на СЈО и продолжување со работа на обвинителите на конкретните случаи со кои се задолжени остануваат најголем проблем за опозицијата. Ние сакаме правда и професионално обвинителство кое ќе го продолжи постапките. Цврсто стоиме зад донесување на законот и работиме со сите пратенички групи за негово донесување“,
велат извори од СДСМ по средбата на Маричиќ со Муцунски.
И од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на средбата беа воздржани посочувајќи дека ќе им дадат шанса на разговорите со цел ако може да се дојде до доближување на ставовите.
Социјалдемократите досега неколкупати излегоа со став дека системски закон, како што е тој за јавно обвинителство, е добро да се донесе со консензус со најголемата опозициска партија, но во меѓувреме и работат на обезбедување двотретинско мнозинство без неа.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска изјави дека работите за обезбедување двотретинско мнозинство се движат добро, дека има надеж, но нема многу време. Тој уште еднаш порача дека носењето закон за ЈО пред распуштање на Собранието ќе биде одличен аргумент пред земјите членки на Европската Унија во пресрет на носењето одлука за датум за преговори.
„Треба да направиме структурен и суштински европски закон за јавно обвинителство. Ред е големите политички партии да најдат решение за вака сериозно прашање, посебно кога СЈО е веќе завршена работа, односно предметите се обезбедени и ќе се имплементираат во судот. Очекувам од ВМРО-ДПМНЕ да добиеме пишан предлог денеска или утре за потоа да може да се помине на работни групи“,
изјави Заев.