На сите граѓани, без разлика каде живеат, мора да им се обезбедат еднакви услови, а чиста вода за пиење е еден од тие основни услови. Надлежност во тој дел има локалната самоуправа и манипулација со граѓаните по кој било момент или аспект што се однесува при градба од ваков вид не смее да има, изјави денеска во „Утрински брифинг“ премиерот Оливер Спасовски во врска со изградбата на водоводот во тетовското село Синичане.
„Градење на водовод подразбира обезбедување проектна документација, обезбедување градежна дозвола, и врз основа на тоа да се изгради таков објект. Сето друго е манипулација со луѓето. Неснаоѓањето да се дојде до финансиски средства со кој ќе овозможат градба на таков проект, а второ кога веќе не се снаоѓаат си велат ‘ајде, ако можеме да направиме и некој политички поен за себе’“,
рече Спасовски додавајќи дека не може да се остварува политички профит на маката на граѓаните.
Посочи дека вчера апелирал до граѓаните на Општина Боговиње, локалната самоуправа, дека само преку дијалог може да се изнајде едно вакво решение.
„Во Владата денеска ќе бидат присутни министрите за животна средина и за земјоделство, министерот за внатрешни работи и градоначалникот на Општина Боговиње со претставници на заедниците од Синичане и Урвич, ќе разговараат, им дадов задачи на министрите, под покровителство на Владата, преку дијалог да изнајдеме решение. Како влада сме подготвени да им помогнеме на граѓаните таму, меѓутоа, не на штета на едни и на други едноставно да помогнеме, да изнајдеме начин и жителите на Синичане да добијат чиста вода за пиење“,
истакна Спасовски.