Најмалку дожд, пак, вчера наврнал во Претор, Тополчани, Демир Капија и Гевгелија, односно еден литар на квадратен метар. Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) за денеска повторно најави услови за изолирана нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи во попладневните часови
Во изминатите 24 часа земјава ја зафати силно невреме, а најмногу дожд наврна во Ѓуриште и Струмица, 43 литри на квадратен метар. Најмалку дожд, пак, наврна во Претор, Тополчани, Демир Капија и Гевгелија, односно еден литар на квадратен метар.
До осум часот утринава, според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), измерени се и 34 литри воден талог во Тетово, 22 литри во Прилеп и Пожаране, 17 во Скопје Петровец, 14 на Попова Шапка, 13 во Крива Паланка и Лазарополе, 10 во Скопје Зајчев Рид и Дебар, 8 во Берово и Маврово, 5 во Штип, 4 во Битола и Виница, како и 2 литра во Охрид, Крушево и Дојран.
„Утрово во голем дел од земјава е сончево, а вдолж Повардарието има значителна ниска облачност или магла. Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Максималната температура ќе се движи од 24 до 31 степен, УВ-индексот ќе изнесува 8“,
соопштија од УХМР.
Попладне, пак, ќе има услови за изолирана нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи.
Инаку, во поголем дел од градовите во земјава вчера сликата беше релативно слична – поплавени улици, оштетени автомобили, урнати дрвја, поплавени дворови и подруми, оштетени земјоделски посеви, а сето тоа како резултат на невремето проследено со пороен дожд и град кое ја зафати земјава.
По обилните врнежи од дожд што вчера попладне го зафатија и главниот град, во населбата Пинтија се урна потпорен ѕид на булеварот „Борис Трајковски“. Од Град Скопје соопштија дека екипите на ЈП „Улици и патишта“ веднаш интервенирале и вршат расчистување на теренот.