Причината за ваквата најава на градоначалникот е што вчера не беше усвоена завршната сметка на Општината. Од „Подобро Тетово“, чии двајца советници беа дел од мнозинството, но вчера гласаа спротивно, пак, го обвинија Касами дека тој и Беса придонеле за ваквата ситуација
Откако на вчерашната седница на Советот на Општина Тетово не помина завршната општинска сметка за 2021 година, градоначалникот Билал Касами денеска најави дека се можни вонредни избори за советници.
„Како резултат на однесувањето на некои од советниците, согласно законот, не е усвоена завршната сметка, што е еден од условите да се оди на нови избори за Советот на општина Тетово. Се бараше на седница на Совет завршната сметка на Општина Тетово да се врати да се докомплетира, што нема основ, тоа е завршна сметка согласно законот и процедурите кои се создадени од Министерството за финансии. Кога се прави политика од сè и сешто доаѓаме до вакви ситуации“,
изјави денеска Касами, јави дописникот на МИА.
Градоначалникот рече дека ги информирал соодветните министерства, кои пак, како што наведе, во рок од една недела треба да ја информираат Владата, а таа во период од еден месец да донесе одлука за распуштање на Советот. На новинарско прашање дали е можно да се избегне оваа ситуација, Касами рече дека не е правник и оти тоа е надвор од неговите одговорности.
Покрај советниците од Беса, во мнозинството во тетовскиот совет досега беа и ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците, како и двајцата советници од иницијативата „Подобро Тетово“. Меѓутоа, овие двајца советници вчера гласаа спротивно на остатокот од мнозинството, а еден од нив, Хамди Сулејмани, изјави дека за настаната ситуација придонел и самиот Касами и Движењето Беса.
„Тој тоа го сака. Неговите луѓе не го гласаа буџетот и завршната сметка, а тоа убаво се гледа од видеата снимени од деветата седница на Советот. Најверојатно сака да отстрани некои од нив што му пречат, како што му пречиме и ние од опозицијата, но мислиме дека тој со ова многу ќе изгуби“,
вели Сулејмани, пренесе МИА.