Од МНР нагласуваат дека високиот процент на одбиени визи од безмалку 30 отсто во 2022 година се должи на несоодветните апликации
Министерството за надворешни работи (МНР) информира дека е започнат процес за присоединување на земјава кон Програмата на САД за безвизен режим (Visa Waiver Program) откако Стејт департментот објави дека процентот на одбиени визи за Северна Македонија во 2022 година изнесувал 26,29 отсто.
„Имено, со одлука на Владата е формирана меѓуресорска работна група предводена од Министерството за надворешни работи која се состои од претставници и на други релевантни институции кои работат на исполнување на условите за воспоставување безвизен режим со САД. Условите се однесуваат на различни области, но еден од клучните е процентот на одбиени визи да изнесува најмногу 3%“,
велат од МНР.
Од МНР нагласуваат дека високиот процент на одбиени визи од безмалку 30 отсто во 2022 година се должи на несоодветните апликации.
„Затоа планираме наскоро да започнеме кампања за едуцирање на граѓаните за процесот на аплицирање и условите кои треба да бидат исполнети со цел добивање виза за САД. Процесот на укинување визи за влез на државјаните на Северна Македонија во САД е долгорочен и комплексен процес што налага континуирани активности на што посветено работиме. Воедно, приклучувањето на Северна Македонија во Програмата за безвизен режим стана дел од Стратешкиот дијалог со САД и е меѓу проектите во Акцискиот план што беше усвоен на владина седница во февруари оваа година“,
додаваат од МНР.
Оттаму потенцираат дека постигнувањето на оваа цел ќе биде од бенефит за економскиот развој на земјава, а ќе внесе и дополнителен импулс за зајакнување на билатералните односи и стратешкото партнерство, како и доближувањето на народите од двете земји.