„Станува збор за меѓународна акција која се реализира со нашите партнери и има за цел заштита на националните интереси на Црна Гора“, вели техничкиот премиер Дритан Абазовиќ
Во главниот град на Црна Гора, Подгорица, во тек се претреси на барање на специјалното обвинителство поради шпионажа, потврдил за регионалниот сервис на Радио Слободна Европа специјалниот обвинител Вукас Радоњиќ.
„На барање на Специјалното државно обвинителство, а по наредба на Вишиот суд во Подгорица, полицијата врши претреси на станови и други простории кај повеќе граѓани, поради основи на сомневање дека се сторени кривичните дела создавање на криминална организација и шпионажа. Засега никој не е лишен од слобода“,
навел портпаролот на специјалниот државен обвинител на Црна Гора.
Техничкиот премиер Дритан Абазовиќ на седница на владата ја поздравил акцијата на Специјалното државно обвинителство.
„Станува збор за меѓународна акција која се реализира со нашите партнери и има за цел заштита на националните интереси на Црна Гора“,
рекол Абазовиќ.
Претходно, весникот „Вијести“ објавил, повикувајќи се на податоци од Агенцијата за национална безбедност на Црна Гора (АНБ), дека во Подгорица се уапсени повеќемина црногорски државјани поради сомнеж дека работеле за руската разузнавачка служба.
„Едно од уапсените лица, според податоците на АНБ, повеќе од една деценија работело за руската служба и е дел од поширока група чии членови ѝ се познати на АНБ. Наводно станува збор за службеник на државната администрација“,
навеле „Вијести“ повикувајќи се на неименуван извор кој додал дека акцијата на АНБ и на Специјалното обвинителство е само почеток на активностите за откривање на соработници на странски разузнавачки служби.
Инаку, кон крајот на август годинава црногорските државни институции, односно нивната ИТ-инфраструктура, беа цел на организирани хакерски напади.
Министерот за одбрана на Црна Гора, Рашко Коњевиќ и Агенцијата за национална безбедност соопштија дека за нападот најверојатно се одговорни руски служби.
Абазовиќ на тогаш на прес-конференцијата рече дека Советот за национална безбедност донел одлука за формирање оперативен тим кој ќе работи 24 часа и ќе се справува со нападите и дека државата ќе испрати барање до европските партнери за експертска помош за враќање на податоците, преземени во нападот и ќе работи на превенција од нови напади.