„Изгорениците почнуваат од пет, седум проценти и одат до 60 проценти, со тоа што најголем дел од изгорениците се во пределот на главата, вратот и лицето, што подразбира дека најверојатно дошло и до вдишување како на гасови така и на пламен и затоа не може да бидеме децидни колку од нив ќе имаат потреба од респиратор“, додава Настов

Во клиниката „Свети Наум Охридски“се хоспитализирани 29 пациенти на возраст од 17 до 45 години, од кои двајца се на распираторна поддршка, вели директорот Небојша Настов.
Сепак, Настов вели дека состојбата кај пациентите со изгореници се менува од час во час.
„Обично таквите пациенти во првиот момент се, условно кажано, најдобри и во зависност од сите оние повреди што не можат првично да се забележат знае да дојде до влошување на состојбата. Онаму каде што веќе се евидентни изгорениците може да претпоставиме како ќе оди лекувањето. Засега има двајца пациенти на респиратор и уште двајца други кои потенцијално може да завршат на респиратор во текот на денот и оставам простор дека може да се влоши состојбата и кај други, но со надеж дека нема да дојде до тоа“,
рече Настов.
Тој додаде дека на пациентите им се направени класични интервенции за ваков тип повреди, а тоа е обработка на самите изгореници.
„Обработка на самите изгореници, односно примарно отстранување на девитализираното ткиво. Во првиот момент не може да видите кое ткиво е девитализирано и се прават преврски секој ден или на секои два дена каде што се увидува потреба од дополнително отстранување. Изгорениците почнуваат од пет, седум проценти и одат до 60 проценти, со тоа што најголем дел од изгорениците се во пределот на главата, вратот и лицето, што подразбира дека најверојатно дошло и до вдишување како на гасови така и на пламен и затоа не може да бидеме децидни колку од нив ќе имаат потреба од респиратор“,
додаде директорот.
Прашан дали освен со изгореници има пациенти и со други повреди предизвикани од стампедо, Настов рече дека има со набиеници и оти кај една пациентка е утврдено насобирање воздух меѓу плочните марамици каде што е поставен торакален дрен, а други посериозни повреди нема.
Во однос на тоа дали некои од пациентите што се хоспитализирани на нивната клиника би биле префрлени во други болници, односно во приватните, Настов рече дека досега нема стигнато такво барање.
Тој додаде и дека искуството што го имаат соседните земји, во однос на ваков тип повреди, е добредојдено.
„Евалуацијата ќе ја правиме на дневна база, да не речам на секој час и ако има потреба апсолутно сме подготвени да ги испратиме пациентите. Колку што разбрав, имаме понуда од Република Бугарија и од Република Србија, така што ќе ги искористиме сите ресурси што ни се на располагање за доброто на пациентите“,
додаде тој.
Пред „Свети Наум Охридски“ со директорот Настов беше и собранискиот спикер Африм Гаши кој рече дека ова е голема трагедија и треба државата и сите институции да бидат сплотени за да им се помогне на семејствата.
„Многу голема трагедија, не можам да најдам зборови за утеха. Изразувам најдлабоко сочувство. Денеска треба сите заедно да сме сплотени и да направиме сè што можеме како држава и како институции за да помогнеме на семејствата“,
рече Гаши во изјава за медиумите при неговата посета на клиниката „Свети Наум Охридски“.