Стампедото се случило за време на хуманитарен настан одржан во Сана, град контролиран од бунтовниците Хути, кога сиромашните жители се собрале да добијат добротворни прилози од локалните трговци за време на светиот месец Рамазан
Најмалку 85 луѓе загинаа, а повеќе од 322 се повредени во Сана, главниот град на Јемен, при стампедо, јавуваат странските новински агенции. Стампедото се случило за време на хуманитарен настан одржан во Сана, град контролиран од бунтовниците Хути, кога сиромашните жители се собрале да добијат добротворни прилози од локалните трговци за време на светиот месец Рамазан.
Ројтерс известува дека стотици луѓе се собрале во училиштето за да добијат донации кои изнесуваат околу девет долари по лице.
Жртвите веднаш биле пренесени во блиските болници. Одговорните за организацијата на овој настан се приведени и истрагата е во тек, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Меѓу загинатите има деца и жени, а најмалку 50 лица моментално се во критична состојба, пренесува новинската агенција АФП.
„Тоа што се случи вечерва е трагична и болна несреќа, бидејќи во големото стампедо на голем број граѓани, предизвикано од случајна поделба на пари од страна на некои трговци и без координација со Министерството за внатрешни работи, загинаа десетици луѓе“,
изјавил портпаролот на Министерството за внатрешни работи на Хути, Абдул-Калек ал-Ајри.
Новинската агенција Асошиејтед прес цитира двајца очевидци кои рекле дека борците на Хути, во обид да ја контролираат толпата, пукале во воздух, притоа погодувајќи во електрична жица што предизвикало експлозија.
„Ова предизвика паника што доведе до стампедо“,
додаваат тие.
Бунтовниците Хути, врзани со Иран, ја презедоа контролата врз главниот град на Јемен пред девет години. Оттогаш, војната во Јемен однесе стотици илјади животи и ја иницира една од најголемите хуманитарни кризи во светот во оваа најсиромашна земја на Арапскиот Полуостров.