Досега се регистрирани 16 илјади случаи на мајмунски сипаници во 75 земји, со пет смртни случаи
Во Србија досега се регистрирани десет потврдени случаи на мајмунски сипаници, соопшти Институтот за јавно здравје „Д-р Милан Јовановиќ Батут“, јави дописникот на МИА од Белград.
На територијата на Белград регистрирани се осум случаи на заболени од мајмунски сипаници, а два во Војводина, се наведува на сајтот на Батут.
Сите пациенти се мажи на возраст од 27 до 44 години.
Од Институтот за јавно здравје велат дека досега се регистрирани 16 илјади случаи на мајмунски сипаници во 75 земји, со пет смртни случаи.
Во соопштението се наведува дека во моментов епидемијата е концентрирана кај мажи кои имаат секс со мажи, особено кај оние со повеќе сексуални партнери.
Симптомите на мајмунски сипаници обично вклучуваат висока телесна температура, интензивна главоболка, болки во мускулите, болки во грбот, слабост, недостиг на енергија, отечени лимфни жлезди, најчесто во вратот, пазувите и препоните, како и осип на кожата.
Осипот обично започнува во рок од еден до три дена од почетокот на покачената телесна температура и може да биде концентриран на лицето, дланките и стапалата.