Во однос на тоа дали американскиот сенатор Крис Марфи, кој беше во посета на земјава минатата недела, и нему му кажал дека ако не се усвојат уставните измени, тоа ќе влијае на односите меѓу Северна Македонија и САД, претседателот вели дека воопшто не разговарале на таа тема. Тоа, според негова претпоставка, е од причина што Марфи знаел дека Пендаровски ги поддржува уставните измени
Во Собранието треба да се влезе со процедура за уставни измени и во ситуација Владата да нема сигурно двотретинско мнозинство, односно 80 пратеници кои ќе ги поддржат, смета претседателот Пендаровски.
„Тоа е голема политичка дилема, дали да влегувате во уставни промени ако немате обезбедено две третини претходно. Денеска сум повеќе склон да верувам дека е потребно да се влезе во парламент дури и под претпоставката да немате сигурно 80, со тоа што јасно, на таков начин и со првото гласање би се идентификувале двата главни блока во државата – проевропски и антиевропски“,
рече денеска Пендаровски потсетувајќи дека немало сигурно двотретинско мнозинство и кога се правеа уставните измени за промена на името согласно Преспанскиот договор.
Текстот на иницијативата за уставните измени беше усвоен од работната група во петокот (26 мај), а утре амандманите треба да ги усвои и Владата. Шефот на државата вели дека е запознаен со содржината и уверува дека тоа е во согласност со она што е договорено со ЕУ, односно во Преговарачката рамка.
„Според договореното е, изворот на легитимитетот или основот да се формира ваква работна група беше да предложи текст на амандмани – предлог. Понатаму Владата тоа ќе го оформи целосно пред да влезат во парламентот кои нема да отстапуваат од она што беше заклучок на Собранието минатото лето. Ги знам амандманите односно текстот на тие предлог-амандмани што ќе бидат поднесени од Владата во Собранието затоа што имав свој претставник во телото – професорот Александар Спасов, и мислам дека од првата до последната алинеја на таа иницијатива остануваме целосно во рамки на она што Собранието го побара од нас пред година и пол“,
посочи претседателот.
Тој, исто така, ја пофали работната група бидејќи рече дека завршила убава и вредна работа со оглед дека нејзината работа била опкружена со многу емоции и имало различни влијанија врз нејзината работа.
„Кога имате 24-25 члена во една комисија за вака емоционално прашање, јасно е дека е можно дебатата да зазема сосема друг курс и да не ја завршите работата, во една опција со недели и месеци, а другата е внатре да имате предлози кои не соодветствуваат на заклучоците на Собранието, на нашиот парламент, кои се единствено меродавни и практично се изворот на легитимитетот за формирање и работа на таа комисија, кои беа усвоени минатата година, и кои се однесуваат на европската Преговарачка рамка“,
изјави Пендаровски.
Во однос на тоа дали американскиот сенатор Крис Марфи, кој беше во посета на земјава минатата недела, и нему му кажал дека ако не се усвојат уставните измени, тоа ќе влијае на односите меѓу Северна Македонија и САД, претседателот вели дека воопшто не разговарале на таа тема.
„Имав средба со сенаторот Марфи и бев прв во серијата средби што ги имаше во Македонија. Можам да кажам дека воопшто не спомнавме на таа тема. Мојата претпоставка е дека сенаторот знаеше со кого разговара од другата страна – го знае мојот став и ставот на Владата дека ние немаме проблем со тој тип на уставни измени“,
рече Пендаровски додавајќи дека неговиот став е дека вметнувањето нови заедници нема да ја загрози иднината и стабилноста на земјава како што тие не биле загрозени и од заедниците кои веќе се во Уставот.