За збор по однос на оваа точка на собраниската седница се пријавија 37 пратеници, а седницата во моментов е прекината и ќе продолжи по одржувањето на итната седница која во меѓувреме ја закажа собранискиот спикер Јован Митрески, а се однесува на измените на Законот за безбедност во сообраќајот
Во Собранието денеска продолжи 143. седница на која како точка на дневен ред, меѓу другото, е изборот на нови министри за здравство и за информатичко општество и администрација. На местата на досегашните министри Фатмир Меџити и Азир Алиу, кои беа разрешени во петокот, сега се предлагаат Илир Демири и Наим Бајрами.
На почетокот на собраниската седница кусо обраќање имаше техничкиот премиер Талат Џафери кој го образложи предлогот Демири и Бајрами да бидат нови министри за здравство и информатичко општество и администрација.

Предлогот Демири да биде избран за министер за здравство, како што рече, нема потреба од многу објаснување.
„Речиси секој од нас имал можност да помине или лично или преку член на семејството во Инфективната клиника. Секој од нас, барем оние што доаѓаме од Полог, сме имале можност да го гледаме во работата при водење на Клиничката болница во Тетово“,
рече Џафери.
Претставувајќи го предложениот министер за информатичко општество и администрација Наим Бајрами, пак, Џафери рече дека се работи за млад човек, магистер по информатичка технологија кој сега добил можност да се докаже во струката и дека сè е јасно од личната биографија која е доставена до пратениците.
За пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ е несериозно да се назначуваат министри 85 дена до крајот на техничката влада бидејќи сметаат оти тие не можат ништо да придонесат во овие ресори. Обвинија дека состојбата во здравство е катастрофална и дека секоја година се менуваат министри во тој ресор. Прашаа и дали ќе ги продолжат политиките и проектите на нивните претходници и што ќе се случи со почната истрага за случајот „Онкологија“ и со реформите на јавната администрација во МИОА.
За збор по однос на оваа точка на собраниската седница се пријавија 37 пратеника, а седницата во моментов е прекината и ќе продолжи по одржувањето на итната седница која во меѓувреме ја закажа собранискиот спикер Јован Митрески, а се однесува на измените на Законот за безбедност во сообраќајот.