Независно од продолжувањето на вонредната ситуација, во раководството на владејачката партија има размислувања дека, ако нема договор за избори до крајот на следниот месец, тогаш гласањето треба да биде во редовниот термин, кон крајот на годината, така што во меѓувреме би се вратила политичката влада
Раководството на СДСМ, според извори од партискиот врв, останува на ставот дека парламентарните избори треба да се одржат до крајот на јуни, независно од најавите дека утре ќе има нов предлог од Владата за продолжување на вонредната состојба, а потоа веројатно и одлука во таа насока од претседателот Стево Пендаровски.
Ако нема договор меѓу партиите за избори до крајот на следниот месец, тогаш во СДСМ сметаат дека изборите треба да се одржат во редовниот термин и тоа во последните можни рокови – односно на 29 ноември или на 6 декември, со тоа што во меѓувреме би се вратила и политичката влада. Таа можност, наводно, партискиот лидер Зоран Заев ја презентирал и на лидерската средба во вторникот.
Уште колку дена ќе трае вонредната состојба?
За вонредната состојба утре ќе расправа и Советот за безбедност, а во меѓувреме останува прашање за колку дена Владата ќе побара да биде продолжена вонредната состојба, а потоа и колку дена ќе определи претседателот Пендаровски во новата одлука. Сепак, очекувањата во владејачката партија се дека нема да се оди повторно на триесет дена, така што останува можноста како нов изборен термин да се определи една од двете недели во втората половина на следниот месец, односно 21 или 28 јуни. За новиот изборен датум партиите ќе разговараат на нова лидерска средба во почетокот на следната седмица.
Според соговорници од СДСМ, со најавите дека ќе се оди на продолжување на вонредната состојба, отпаѓа предлогот на партискиот лидер Зоран Заев, изборите да се одржат во првата половина на јуни. Но Заев и така остави простор за договор и за друг термин до крајот на јуни.
Ажурирањето на избирачкиот список може да тече паралелно со кампањата
Новиот изборен термин е поврзан со завршувањето на вонредната состојба, односно изборите треба да се одржат 22 дена подоцна, согласно Уредбата на владата за замрзнување на изборните дејствија. Според тоа, ако вонредната состојба, на пример, биде продолжена за две седмици, изборите би можеле да бидат на 21 јуни, освен ако треба да се остави простор плус за увид и ажурирање на изборачкиот список, па гласањето да се пролногира до 28 јуни.
Извори од СДСМ велат дека вонредната состојба се продолжува главно поради економските последици од кризата со коронавирусот, затоа што по нејзиното завршување Владата веќе нема да може да носи уредби со законска сила, а парламентот е распуштен точно три месеци. Што се однесува, пак до полицискиот час, како што велат од Владата, тој не зависи од вонредната состојба, туку се утврдува со одлука на Владата.
Една од уредбите што треба да ги донесе Владата по продолжувањето на вонредната состојба е за дополнителен увид и за ажурирање на изборачкиот список. Иако увидот во Избирачкиот список, според изборниот роковник, трае 15 дена, се најавува дека овој пат ќе бидат оставени околу пет дена затоа што тоа изборно дејство е веќе завршено, така што останува уште да се ажурираат податоците за оние кои стекнале полнолетство во периодот од 12 април до денот кога ќе се одржат изборите во нов термин. Исто така, се посочува дека увидот во изборачкиот список може да тече и за време на кампањата.
Редовни избори би ги загрозиле позициите на ВМРО-ДПМНЕ во Владата
Според партиски извори, на лидерската средба во вторникот Заев ја отворил и можноста за избори во редовен термин, доколку опозицијата продолжи со разни условувања да го одолговлекува новиот изборен термин. Во тој контекст, спикерот Талат Џафери, наводно, посочил дека првата недела од октомври е последен рок кога би можеле да се распишат избори во редовниот термин.
Но во случај да се оди на редовни избори, како што велат соговорници од СДСМ, што побрзо би требало да се врати политичката влада која би функционирала до почетокот на септември, кога би почнале да течат нови сто дена до изборите. Тоа, како што се наведува, вдеројатно, би значело останување на Оливер Спасовски на чело на владата, но повлекување на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев и на дополнителните заменик-министерки од ВМРО-ДПМНЕ во финансии и во информатичко општество. Со оглед на тоа што не е возможно парламентот да се состане, со МВР би раководел сегашниот заменик-министер од ДУИ, како што е случајот и со Министерството за труд и социјална политика, по разрешувањето на Рашела Мизрахи.