Во однос на промената на изборните листи на партиите, претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Оливер Дерковски, во изјава за „Утрински брифинг“ рече дека добиле барање од еден кандидат на листа, кој во изјава нагласува дека се кандидирал за избори на 12 април, а не за друг датум.
„Законот не дозволува и ќе треба да почекаме како ќе се одвива целата ситуација. Во моментов нема исправање и изземање од кандидатските листи. Тоа е законски пропишано. Доколку се распишат нови избори, тогаш веќе е друга ситуацијата“,
вели Дерковски.
Според него, во ДИК сите се согласуваат дека треба да се почитува Изборниот законик и од тие причини внимава да ги следи законските прописи. Дерковски нагласи дека избори мора да има и ДИК ќе се приспособува на препораките на здравствените комисии. Тој укажува и на потребата од повторна обработка на Избирачкиот список.
„Избирачкиот список, кога и да се изборите, ќе го добиеме во иста форма како што го добиваме секогаш откако ќе го дознаеме денот на изборите. Добиваме суров материјал, наредниот ден се декриптира. Затоа, велат дека за оваа операција се потребни помеѓу 45 и 50 дена. Јас ги разбирам политичарите и нивните мотиви, но јас морам да го почитувам законот. Јас како претседател на ДИК можам да бидам надгласан од другите членови на Комисијата, но Избирачкиот список се потпишува од сите членови на Комисијата и откако сите ќе се потпишат тој се заклучува и со тој се оди на избори. Јас таков список нема да потпишам“,
изјави Дерковски.
За да се запазат мерките за заштита од коронавирусот, на прашањето дали е можно зголемување на бројот на гласачките места за намалување на концентрацијата на граѓаните и продолжување на изборниот ден, тој смета дека тоа може да се направи, но потенцира дека за тоа треба законска одредба.
„Сегашната бројка на гласачките места е од 300 до 1 200 гласачи. Надлежноста сега е во Владата. Околу продолжување на часовите повторно ќе кажам дека е потребна законска измена“,
рече Дерковски.