Ќе предложиме третпат да се прогласи вонредна состојба, бидејќи дел од мерките може да важат само за време на вонредна состојба, рече на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
Тој информираше дека утре треба да одржи состанок и Советот за безбедност, а продолжувањето на вонредната состојба е од повеќе причини.
„Потребно ни е да се продолжи вонредната состојба затоа што дел од мерките важат само за време на вонредна состојба. Многу е битно тие да важат и натаму. Многу е битно да имаме инструменти во рацете да работиме со овие механизми во однос на рестрикција на движење, уредбите кои важат и така натаму. Потребни ни се инструменти со кои препораките на Комисијата за заразни болести ќе можат да се имплементираат преку Владата“,
рече Филипче.
Вонредната состојба што ја прогласи претседателот Стево Пендаровски на 16 април истекува в сабота.
Доколку биде донесена одлука да продолжи вонредната состојба и Владата достави предлог, Советот за безбедност треба да одржи нова седница в петок и претседателот да донесе одлука за нејзино прогласување.
Во спротивно, вонредната состојба поради коронавирусот, која првично беше прогласена на 18 март, по што беше донесена уште една одлука за нови 30 дена, ќе заврши в сабота.