Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров, која ја предводи делегацијата, објави дека дејствуваат по директива на претседателот Зеленски

Претставници на САД и на Украина денеска започнаа разговори во Ријад. На агендата се предлози за заштита на енергетските капацитети и критичната инфраструктура.
Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров, која ја предводи делегацијата, објави дека дејствуваат по директива на претседателот Зеленски.
„Започнавме состанок со американскиот тим во Ријад. Ја спроведуваме директивата на украинскиот претседател да напредуваме кон постигнување праведен мир и зајакнување на безбедноста“,
напиша Умеров на Фејсбук.
По денешните разговори меѓу американските и украинските претставници во Саудиска Арабија, ќе следи средба помеѓу делегациите на САД и на Русија.
Разговорите на американските претставници со делгациите на Украина и на Русија ќе продолжат и утре.
Во Ријад би можел да биде ставен на маса предлогот на САД за заштита на пловидбата во Црното Море со спроведување на ограничен поморски прекин на огнот.
Украинската делегација во Ријад ја предводат министерот за одбрана Умеров и заменик-шефот на претседателскиот кабинет Павло Палис.
Во руската делегација, пак, се Григориј Карасин, поранешен дипломат и актуелен претседател на Комитетот за надворешни работи на Советот на Руската Федерација, и Сергеј Бесед, советник на директорот на Федералната служба за безбедност (ФСБ).