Во италијанскиот град Неапол за само 30 часа е изградена импровизирана болница за интензивна нега на пациенти заразени со ковид-19, објавија денеска италијанските медиуми.
Новата импровизирана болница се наоѓа во предградие на Неапол, во населбата Понтичили, и е составена од монтажни целини, а видео на кое се гледа изградбата беше споделено на социјалните мрежи од страна на Франческо Борели висок претставник од регионот Кампанија.
Milano? Wuhan? NewYork?Londra? Eh No Amici, siamo a Napoli nel parcheggio dell' Ospedale del mare Costruzione del reparto terapia intensiva Crovid-19 tutto In 30 Ore. pic.twitter.com/yCNGcCWgcq
— Francesco Borrelli (@NotizieFrance) April 11, 2020
„Неапол е побрз од Вухан“ се дел од насловите во италијанските медиуми и се алудира на тоа дека во овој кинески град за десет дена беше изградена болницата за пациенти заразени со новиот коронавирус.
Во италијанскиот регион Кампанија, каде што се наоѓа Неапол, повеќе од 3 670 луѓе се заболени од ковид-19, а во провинцијата Неапол, пошироко подрачје на истоимениот град, има околу 1 930 позитивни случаи.
Италијанската Агенција за цивилна заштита соопшти дека досега во Италија 20 465 луѓе починаа од последици од коронавирусот.
Во изминатите 24 часа од последици од ковид-19 починаа 566 луѓе, додека ден претходно бројот на смртни случаи изнесуваше 431.
Но, и покрај тоа во Италија денеска е забележан најмал број на новозаболени лица од новиот коронавирус од 7 април односно 3 153 луѓе, додека нивниот број во неделата изнесуваше 4 092 лица.
Во Италија вкупно се потврдени 159 516 пациенти заболени од ковид-19.
Околу 3 260 лица се на интензивна нега, што значи дека и нивниот број бележи пад десетти ден по ред. Вчера имало 3 343 луѓе биле на интензивна нега.
Од новиот коронавирус во Италија оздравеле 35 435 луѓе.