Во нападот на украинскиот град Запорожје загинати се две жени, а најмалку пет лица сè уште се под урнатините. Гувернерот на Запорожје, Олександр Старук, објави дека од утринава, откако се случил нападот, многу луѓе се спасени, како и едно тригодишно девојче кое е хоспитализирано.
„Спасувачката акција сè уште е во тек“,
додава Старук.
Градоначалникот на Запорожје, Анатолиј Куртев, во објава на Телеграм напиша дека осум лица се хоспитализирани.
Руските сили утринава истрелаа седум проектили врз украинскиот град Запорожје.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера потпиша декрет со кој ѝ се наложува на руската влада формално да ја преземе контролата врз украинската нуклеарна централа Запорожје и да ја претвори во „федерална сопственост“. Нуклеарната централа, најголемата во Европа, е под контрола на руските сили, но до сега таму работеше украински персонал.
Запорошката нуклеарна централа се наоѓа на левиот брег на Днепар, во близина на градот Енергодар. Тоа е најголемата нуклеарна централа во Европа според бројот на блокови и капацитетот. Нејзината близина до линијата на фронтот предизвикува меѓународната јавност да се плаши од нуклеарна катастрофа.
Москва и Киев веќе неколку месеци меѓусебно се обвинуваат за бомбашки напади во близина на електраната, а со тоа расте и стравот од повторување на катастрофата што се случи во Чернобил во 1986 година.