Според министерот за енергетика на Украина, Херман Халушченко, станува збор за најголемиот напад врз енергетската индустрија на земјата во изминатите неколку месеци
Русија изврши масовен напад врз енергетската инфраструктура на Украина, при што загинаа најмалку две лица, а погодена е и најголемата брана од хидроенергетскиот систем на земјата што, според извештаите на властите, ја прекинало испораката на електрична енергија до нуклеарната централа „Запорожје“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека нападите биле извршени со 150 беспилотни летала и проектили и уште еднаш апелираше до западните сојузници на Украина да ја забрзаат испораката на очајно потребната муниција и вооружени системи за одбрана на земјата.
„Русија лансира над 60 беспилотни летала ‘шахед’ и речиси 90 проектили од различен тип кон Украина оваа ноќ. Светот ги гледа целите на руските терористи најјасно што може: електрани и линии за снабдување со енергија, брана на хидроелектрана, обични станбени згради, па дури и тролејбус“,
напиша Зеленски на социјалната платформа Икс.
This night, Russia launched over 60 “Shahed” drones and nearly 90 missiles of various types at Ukraine. The world sees the Russian terrorists’ targets as clearly as possible: power plants and energy supply lines, a hydroelectric dam, ordinary residential buildings, and even a… pic.twitter.com/5dX2fAMMiE
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) March 22, 2024
Украинската компанија „Енергоатом“ подоцна денеска објави дека успеала да поправи еден од двата далноводи што ја поврзуваат електраната „Запорожје“ со мрежата откако бил оштетен во нападите.
Украинската државна хидроенергетска компанија, исто така денеска, објави дека браната на хидроцентралата „Днипро ХЕС“ во Запорожје на реката Днепар била погодена од два руски проектили кои оштетиле една од двете електрани, иако немало непосредна опасност од пробивање на браната.
„Во моментов има пожар на браната. Службите за итни случаи работат на самото место за да ги елиминираат последиците од многубројните воздушни напади“,
се вели во соопштението на компанијата, во кое се додава дека ситуацијата на браната е под контрола.
Украинската енергетска инфраструктура, како што пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ), била цел и во други региони на земјата.
Според министерот за енергетика на Украина, Херман Халушченко, станува збор за најголемиот напад врз енергетската индустрија на земјата во изминатите неколку месеци.
Напади биле пријавени и во регионите Харков, Днепропетровск, Виниција, Хмелницки, Ивано-Франковск, Полтава, Одеса и Лавов.
Во Харков интензивното руско гранатирање предизвикало недостиг на струја и вода.
„Окупаторите извршија повеќе од 15 напади на енергетски објекти. Градот е практично целосно без електрична енергија“,
напиша на Телеграм, Олех Синјехубов, шеф на регионалната воена администрација.
Во областа Хмелницки локалната власт извести дека за време на руските напади е убиено едно лице, а неколку се ранети, без да наведат детали.
Воздухопловните сили на Украина соопштија дека нивната противвоздушна одбрана соборила 92 од вкупно 151 проектил и беспилотни летала кои Русија ги истрелаа кон Украина во нападите ноќеска.
„Руските проектили немаат одложувања, за разлика од пакетот помош за Украина. Беспилотните летала ‘шахед’ немаат неодлучност, за разлика од некои политичари. Клучот е да се разбере цената на одложувањата и одложените одлуки“,
напиша Зеленски апелирајќи до Западот да направи повеќе за неговата земја.

Пораките на Зеленски доаѓаат во момент кога лидерите на ЕУ го приведуваат до крај самитот во Брисел на кој разговараа за начините за забрзување на испораката на муниција и оружје за украинските сили кои се борат да ги одбијат сè поинтензивните напади на помногубројните и подобро опремени руски трупи.
Критичниот пакет воена помош од 60 милијарди долари од САД, главниот поддржувач на Украина, останува блокиран во Претставничкиот дом поради републиканското противење принудувајќи го Киев повеќе да се потпира на помошта од своите европски сојузници.
Руските напади на украинската енергетска инфраструктура остро ги осуди високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Жозеп Борел.
„Русија продолжува со своите брутални напади врз населението на Украина со бомбардирање на енергетска инфраструктура во текот на ноќта со беспилотни летала и проектили, при што загинаа и беа ранети десетици лица, загрозувајќи ја безбедноста на нуклеарната централа ‘Запорожје’. Ова мора да престане!“,
порача Борел во објава на социјалната платформа Икс.
Russia continues its brutal attacks against Ukraine’s population with overnight drone & missile bombing of energy infrastructures, killing & wounding dozens, jeopardizing the safety of the Zaporizhzhia Nuclear Power Plant.
— Josep Borrell Fontelles (@JosepBorrellF) March 22, 2024
This must stop! All responsible will be held to account.