Директорката на Општата болница Куманово, Снежана Захариева, вели дека во градот има недостиг на инфектолози, додека потребната бројка на медицински сестри се покрива со внатрешна прераспределба. За состојбата во најголемиот здравствен центар таа зборуваше по завршувањето на денешниот состанок на општинскиот кризен штаб.
„Значи, ние треба да бидеме спремни дека може уште некој да заболи. Малку се. Имаме дефицитарен кадар. Инфектолозите беа четворица, сега се тројца. Имавме на помош уште двајца помлади лекари, едната е специјализантка, другиот е општ лекар и уште еден лекар по општа медицина со големо искуство, кој со години дежура на тој оддел. Тоа се ресурсите по однос на доктори. Што се однесува на медицинските сестри, се прави прераспределба на персонал, согласно Указот на Министерството за здравство за работа во вонредна состојба. Значи, од еден на друг одел, но не шетање туку се прераспределуваат таму каде што нема толку потреба се упатуваат на помош на инфективниот оддел. Всушност, инфективниот оддел од денеска е оддел за изолација а фебрилните состојби кои немаат позитивна анамнеза и сомнеж за коронавирусот се на одделот уво, нос и грло. Таму ќе бидат хоспитализирани. Тријажа на пациенти, преглед на сите итни состојби во стариот Ургентен центар“,
изјави Снежана Захариева на новинарско прашање за состојбата во Општата болница Куманово.
За тоа кога ја очекуваат вчера најавената помош од Владата, Захариева откри дека засега нема детали кои би можела да ги сподели.
„На официјалниот мејл на Општа болница Куманово немам добиено допис за такво нешто и поконкретно во што си би се состоела таа помош – лекари, медицински сестри и друго. Со оглед на тоа што тоа е заклучок на Влада, потоа следува негова реализација од страна на Министерството за здравство, што очекуваме во текот а денешниот ден“,
изјави Захариева.
Во однос на потрошниот медицински материјал, Захариева изјави дека во моментов Општата болница има доволно ресурси, но и дека немаат доволно резерви.
„Прашањето ќе добие адекватен одговор ако знаеме до кога ќе трае состојбата. Значи ние имаме во моментов. Што значи во моментов? Значи може да издржиме недела, две, меѓутоа не знаеме ниту наплив на пациенти во нареден период колку ќе бидат. Тоа е потрошен материјал којшто постојано треба да се дотура. Ако се реши проблемот со редовен дотур на овие средства кои ги имаме тендерски и ако продолжат добавувачите и наши поддржувачи и пријатели доставуваат редовна количина на маски, капи и други заштитни средства, значи нема да имаме никакво проблем. Имаше вчера завчера едно пребројување на тој заштитен материјал, што ако застане, па преминавме на алтернатива да се шијат, дезинфицираат и се даваат на оние служби коишто не се во директен контакт со заболени. За останатите имаме доволно маски, капи, ракавици и заштитни мантили“,
изјави Захариева.
На новинарските прашања за состојбата на болните, Захариева изјави дека денеска се префрлени најмалку двајца пациенти од Куманово на Инфективната клиника во Скопје, поради влошување на состојбата. Потврди и дека еден од префрлените пациенти бил негативен на коронавирусот.
„Знаете што, многу се пациенти. Ова е малку неблагодарно, бидејќи од ден во ден се менува состојбата. Од час во час се менува состојбата. Да, упатуваме пациенти и кои се негативни. Значи, во моментов, сега додека зборуваме упатуваме пациент за кој вчера стигна резултат дека е негативен, меѓутоа клинички ја влошува состојбата. Исто така, ќе бидат упатени на скопските клиники двајца пациенти, сопружници се. Едниот е позитивен, пардон сопругата е позитивна, тој е негативен, меѓутоа биле во иста соба, контакт, болеста почнала истовремено така што ако денес бил негативен не значи дека утре, задутре ќе биде негативен, плус е пациент со ризик“,
вели Захариева.