Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 17 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 379 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, соопшти Министерството за здравство.
Во последното деноноќие на интерните клиники имало осум приеми, и тоа двајца пациенти биле хоспитализирани на Клиниката за гастроентерохепатологија. На Клиниката за неврологија биле примени четири пациенти и по еден пациент е хоспитализиран на Клиниката за дерматологија и на Клиниката за уво нос и грло.
Во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ имало шест нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника три во текот на вчерашниот ден.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 10 оздравени пациенти.
Во моментов на Кожната клиника во ковид-центарот се лекуваат 24 пациенти, на Клиниката за неврологија 28 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 26 пациенти со симптоми на коронавирусот, во ковид-центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 21 пациент, на Клиниката за очни болести тројца пациенти, а на ОРЛ 16 болни. На Клиниката за гастроентерохепатологија лежат 21 пациент.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 102 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 96 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 24 пациенти.
Вкупно 379 пациенти потврдени и сомнителни на ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.
Бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и изутрината до 8 часот имало 90 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имаат потреба од кислородна поддршка, стои во соопштението
