Според косовски здравствени власти, заразеното лице е хоспитализирано на Клиниката за инфективни болести во Приштина
Во Косово е потврден првиот увезен случај на мајмунски сипаници, соопшти тамошниот Национален институт за јавно здравје.

Според косовски здравствени власти, заразеното лице се вратило од западноафриканска земја и е хоспитализирано на Клиниката за инфективни болести во Приштина.
Пациентот се наоѓа во стабилна состојба.
„Маж од 30 години, државјанин на Косово, на 24 декември е хоспитализиран на Инфективната клиника откако се вратил од западноафриканска држава со симптоми на температура, треска, промени на кожа и чешање. Пациентот е во стабилна здравствена состојба“,
се вели во соопштениот од Институтот за јавно здравје на Косово.
На сите контакти на пациентот и на членовите на неговото семејство им се дадени препораки, со цел да преземат превентивни мерки.
Здравствените власти на Косово им порачаа на граѓаните дека нема простор за паника, туку дека треба да бидат претпазливи ако се соочат со слична или иста симптоматологија на болеста.
Мајмунските сипаници се вирусна болест која лесно се пренесува меѓу луѓето и од заразените животни.
Според Светската здравствена организација (СЗО), може да се пренесе преку близок контакт, како што се допирање, бакнување, но и преку контаминирани материјали – чаршафи, облека и игли. Симптомите вклучуваат треска, болен осип, главоболка, болки во мускулите и грбот, недостиг на енергија и зголемени лимфни јазли. Траат од две до четири недели, а потоа пациентите целосно се закрепнуваат.