Полицијата санкционирала вкупно 1 914 различни видови неправилности во сообраќајот во текот на јули годинава на поширокото тетовско подрачје. Како што информира СВР Тетово, санкциите се изречени при тековни редовни и 24 акциски контроли.
Од сообраќај биле исклучени 53 возила од кои 43 поради истечена регистрација и десет поради утврдена техничка неисправност.
„Во јули, исто така, од сообраќај биле исклучени и 208 возачи, од кои 133 управувале без возачка дозвола, 25 под дејство на алкохол, 33 возачи-почетници кои не се придржувале на законските ограничувања за оваа категорија возачи, шест со несоодветна категорија и 11 со важечка забрана за управување“,
информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Покрај ова, во овој период времено биле одземени 33 возила заради истечена регистрација повеќе од шест месеци и бучавост, 48 возачки и 32 сообраќајни дозволи, додека тетовската „пајак-служба“ вкупно подигнала 448 непрописно паркирани возила.