Повтори дека истрагата не е завршена, како и дека можеби во наредниот период ќе има и други полициски службеници што ќе бидат предмет на почнување истрага
За трагедијата во Кочани, во која животот го загубија 61 лице, а над 200 се повредени, се постапува по над 50 осомничени. Ова денеска го рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, коментирајќи го прашањето дали има селективност во продлабочувањето на истрагата во последната година.

„Против секој еден за кој има докази е поднесена кривична пријава од страна на МВР. Ќе биде соодветно процесуиран секој за кој ќе се најде доказ дека е причинско-последично поврзан со предметниот кривично-правен настан од аспект на исполнување на елементи на конкретно кривично дело“,
рече тој.
Одговарајќи на новинарско прашање дали во истрагата има амнестија за полициските службеници, рече дека амнестија нема за никого. Посочи дека и МВР не е поштедено од истрагата што го опфаќа периодот од 2012 до денес, посочувајќи дека е поднесена кривична пријава против седум полициски службеници.
Повтори дека истрагата не е завршена, како и дека можеби во наредниот период ќе има и други полициски службеници што ќе бидат предмет на почнување на истрага.
„Истрагата ја води јавниот обвинител. Вчера имавме детално информирање во рамки на факти и околности што можеа да бидат споделени со јавноста. Не можеме Обвинителството и МВР да ги претвориме во преки суд, зашто некои политички недобранемерници сакаат на гневот на македонскиот народ да го искористат во насока на крадење, манипулирање и стекнување на политички поени. Досега од сработеното на јавните обвинители гледам посветеност, како 11 обвинители се фокусирани на целосно расчистување на овој случај, заедно со истражитеелските тимови на МВР, нешто што во минатото било незамислива именка“,
рече тој.
Според него, истрагата за трагедијата во Кочани е многу побрза од истраги во странски поразвиени држави за слични несреќи и трагедии.
„Гледате, првпат во Македонија има факти што за разлика од претходно говорат сами по себе дека ова МВР работи поинаку од претходно. Кажете ми друг пример, кога МВР ‘ин флагранти‘ фатило врховен судија или постапувало против активно обезбедување на највисоки функционети во државата по насоки, координација и по наредба на ЈО. Затоа не можам да се согласам дека има амнестија зашто МВР има поднесено во континуитет три кривични пријави, ако не и четири и се постапува моментално по над 50 осомничени“,
вели министерот.
Обвинителството, како што рече Тошковски во истрагата истражува и во МВР.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски на вчерашната прес-конференција изнесе детали за проширувањето на истрагата за пожарот во кочанското т.н. кабаре „Пулс“.
Според него, истрагата е проширена за нови 19 лица кои, како и претходните, се осомничени за тешки дела против општата сигурност (член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик).
Во рамки на истрагата во саботата беа приведени поранешните министри за економија Ваљон Сарачини и Беким Незири, кадри на ДУИ, како и актуелниот министер без ресор и ексдиректор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Шабан Салиу. Меѓу уапсените е и актуелниот директор на ДЗС, Џеват Селами, кадар на ВЛЕН.