Индиското Министерство за здравство денеска потврди 4 205 нови смртни случаи од коронавирус, рекорден број на починати во еден ден, а во земјата се регистрирани 348 421 новозаразено лице.
Според денешните податоци на индиското Министерство за здравство, вкупниот број случаи на коронавирус во Индија надмина 23 милиони, а вкупниот број смртни случаи достигна 250 000.
Експертите сметаат дека официјалните бројки не ги покажуваат вистинските размери на епидемијата и дека тие можат да бидат од пет до десет пати поголеми, пишува Ројтерс.
Индиската крива на инфекција со коронавирусот може да покаже рани знаци на пoрамнување, но падот на бројот на нови инфекции веројатно ќе биде бавен и не е можно да се потврди дека е достигнат врвот, според индискиот вирусолог Шахид Џамил.
Многу силен втор бран на коронавирусот во Индија се прошири од големите во помалите градови и во селата, на што не може да реагира кревкиот здравствен систем, кој е лошо опремен за криза од вакви размери.
Исто така, недостигаат вакцини, особено во државата Махараштра околу финансискиот центар Мумбаи и главниот град Њу Делхи, кои се најпогодени региони во Индија.
Во извештајот објавен на 12 мај, Светската здравствена организација (СЗО) рече дека варијантата на вирусот Б.1.617, кој првпат беше идентификуван во Индија, досега е потврдена во уште најмалку 44 земји.
СЗО го идентификуваше овој вид како мутација што бара засилен мониторинг и анализа.