На паркинг-просторот, пред сегашната Брза помош, на северниот дел од објектот на Општата болница во Гевгелија, почна подготовките за поставување монтажна болница на површина од 450 квадратни метри.
Подготовките почнаа откако Општинскиот кризен штаб ја поддржа иницијативата на здравствените власти за поставување вакви болници во 16 града, како дел од подготовките на здравствениот систем за есенскиот бран на пандемијата од корона вирусот.
„Локацијата ја предложија од Општата болница и со неа се исполнуваат двата основни критериума – монтажниот објект со тријажен центар и стационар да биде близу до Општата болница и да има непосреден пристап до потребната инфраструктура“,
изјави градоначалникот Сашо Поцков.
Пред десетина дена, Министерството за здравство најави дека во 16 града во земјава ќе се формираат ковид-центри со цел да се подготви здравствениот систем за одговор на очекуваниот есенски бран на зараза со новиот коронавирус, а од друга страна да не се компромитира редовното работење на болниците и здравјето на другите пациенти.