За време на примирјето се очекува да бидат ослободени најмалку 50 од околу 240 заложници кои Хамас ги зароби на 7 октомври, во замена за ослободување на 150 малолетници и жени кои се во израелските затвори

Четиридневното примирје меѓу Израел и Хамас, за да се овозможи ослободување на заложниците во Појасот Газа во замена за палестинските затвореници, официјално стапи на сила утрово во 7 часот по локално време.
Првото ослободување на заложниците, кои се 13 жени и деца, се очекува околу 16 часот по локално време.
За време на примирјето се очекува да бидат ослободени најмалку 50 од околу 240 заложници кои Хамас ги зароби на 7 октомври, во замена за ослободување на 150 малолетници и жени кои се во израелските затвори.
Неколку моменти пред официјалниот почеток на привремениот прекин на огнот, израелскиот воен портпарол Авичај Адраи во арапска порака до палестинските цивили во Газа во објава на Икс ги предупредува дека „војната се уште не е завршена“.
„Хуманитарната пауза е привремена. Северниот појас Газа е опасна воена зона и забрането е движење на север. За ваша безбедност, мора да останете во хуманитарната зона на југ“,
рече тој во пораката до жителите на Газа.
⭕️Watch this important message from the IDF Spokesperson for Arab media, @AvichayAdraee, to the civilians of Gaza:
— Israel Defense Forces (@IDF) November 24, 2023
”The war is not over yet. The humanitarian pause is temporary. The northern Gaza Strip is a dangerous war zone and it is forbidden to move north. For your safety,… https://t.co/OmtxDYHIK3 pic.twitter.com/4gaJDxgy5I
Семејствата во Израел денеска го чекаат враќањето на 13-те заложници.
Примирјето ќе биде првиот прекин на огнот во речиси 50 дена војна.
„Гардијан“ пренесува дека 40-тина минути по почетокот на примирјето израелската војска соопштила дека во две израелски заедници во близина на Газа се огласиле сирени кои предупредуваат за потенцијални дојдовни ракети, но нема потврда дека имало напади или за некаква штета или жртви.
Според Би-би-си на некои места сè уште може да се забележи чад од последните израелски воздушни напади извршени 20 или 30 минути пред почетокот на привремениот прекин на огнот.
Репортерите на странските агенции пренесуваат дека, половина час по почетокот на примирјето, не се слушнал звук од огнено оружје, беспилотни летала и повремени експлозии.
Договорот ќе го означи првото примирје од почетокот на конфликтот во кој израелските бомбардирања срамнија со земја делови од Газа со кои владее Хамас.
Паузата во борбите би можела да трае повеќе од четири дена – Израел вели дека на секои 10 ослободени заложници над почетните 50, паузата ќе биде продолжена за еден ден.