Капацитетот на тестирање во државните лаборатории се зголемува и ќе може да се постигне дневната бројка од 2 000 ковид-теста.
Зголемувањето е за вкупно 350 дополнителни теста, од кои, според Министерството за здравство, по 100 ќе се прават во Центарот за јавно здравје-Скопје и во лабораторијата во Козле, а 150 во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
За таа цел, во ИЈЗ од денеска, покрај постојното приемно одделение, се отвора уште едно во кое ќе работат лаборант и администратор што треба да ја забрза процедурата на земање тестови.
„На овој начин ќе се растовари приемното одделение имајќи предвид дека пациентите кои доаѓаат за тестирање ќе бидат распределени на два пункта. Пунктот работи секој ден од 7:30 до 14 часот за земање брисови, а од 18 до 20 часот за подигнување на резултатите“,
велат од Министерството за здравство.
ИЈЗ, додаваат, располага со доволен број тестови, а епидемиолошката служба ќе работи во две смени и ќе се креираат дополнителни термини за тестирање преку системот „Мој Термин“.