Во општините Дебар и Центар Жупа, каде е прогласена кризна состојба, достава на прехранбени производи, лекови и останати потребни стоки ќе се врши единствено во периодот од 8 до 14 часот, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Кога станува збор за индустрискиот капацитет „Кнауф Радика“ – Дебар, воспоставен е безбеден проток на возилата со кои се врши транспорт на ресурси и стока.
„Возилата со кои се врши дотур на стока и возилата на компанијата ‘Кнауф’ се упатуваат кон безбедносниот пункт во правец на ХЕЦ Шпиље и ХЕЦ Глобочица или безбедносниот пункт преку Бошков Мост, од каде само со полициска придружба се упатуваат кон територијата на кризното подрачје“,
информира МВР.
Истоварот на стоката, додаваат од МВР, ќе го вршат исклучиво лица кои се веќе во подрачјето каде е прогласена кризна состојба, а на возачот на возилото или негов сопатник нема да му биде дозволено напуштање на возилото.
По истоварот на стоката, возилото исто така со полициска придружба се враќа кон еден од безбедносните пунктови, каде по извршената дезинфекција му се дозволува слободно движење надвор од територијата на која е прогласена кризна состојба.
„Во интерес на зачувување на здравјето на граѓаните, сите граѓани задолжително да се придржуваат кон овие насоки“,
апелираат од МВР.