Во болниците низ земјава се хоспитализирани вкупно 332 пациенти кои се заразени или сомнителни на вирусот ковид-19, покажува денешниот извештај на Министерството за здравство.
Од нив само еден е на респиратор и тој е сместен во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје. Во оваа установа, вкупно се хоспитализирани 36 пациенти.
Најмногу од пациентите – 75 се сместени на Инфективната клиника. Во последните 24 часа се примени само двајца заразени. На оваа клиника нема пациенти на механичка вентилација, а 42 од хоспитализираните се на кислородна поддршка.
Во болницата во Козле, пак, хоспитализирани се 4 деца и 4 мајки позитивни на ковид-19, а едно дете и една мајка се суспектни на вирусот.
Состојбата во болниците надвор од Скопје покажува дека во Штип има 36 пациенти, а во битолската болница 21.
На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани вкупно 154, кои се позитивни и сомнителни на ковид-19.