Неколку минути пред 19 часот пред српското Собрание и вечерва почнаа да се собираат демонстранти за да го искажат својот револт против српските власти.
Српските медиуми јавуваат дека во готовност се неколку стотици полицајци, со опрема и во цивил, како и припадници на жандармеријата.
И во паркот Пионир се собираат луѓе, а во последните неколку минути стигнала и поддршка за новинарите, односно демонстранти со транспарент „не тепајте новинари“.
Вечерва се собраа граѓани да протестираат и во Нови Сад на Плоштадот Слобода. Како што беше најавено, по говорот, тие од плоштадот ќе тргнат во протестна прошетка.
Повеќето од собраните носат заштитни маски, а организаторите и за денеска подготвија импровизиран мобилен систем за озвучување. Собирот засега е мирен, јави агенцијата Бета.
Главните барања на демонстрантите во Нови Сад се оставки на директорот на полицијата, Владимир Ребиќ, министерот за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, градоначалникот на Нови Сад, Милош Вучевиќ и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Граѓаните бараат и оставка од Кризниот штаб, пренасочување на парите кон медицинските лица и враќање на работата на граѓаните отпуштени за време на пандемијата.
По инцидентите за време на протестите во средата, граѓаните во четвртокот одржаа мирни протести.
Од денеска новинарите добија елеци на кои пишува „Прес“ со цел полесно да можат да ги следат протестите што ги подели Независното здружение на новинари на Србија (НУНС).
Акцијата е организирана откако неколку новинари, сниматели и фоторепортери беа повредени во претходните денови додека известуваа за протестите во Белград, а целта на иницијативата е новинарите да бидат повидливи, но и надлежните органи и самите граѓани повеќе да се грижат за нивната безбедност.
Здружението најави и дека во наредните денови ќе набави нови количини маски и елеци, но ги повика и надлежните и демонстрантите да се грижат за безбедноста на новинарите кои, како што истакна, работат во интерес на јавноста.