Неколку илјади лица и денеска се собраа на антивладин протест во центарот на Софија, јави агенцијата Бгнес, пренесе МИА.
Демонстрантите се упатија кон зградата на Народното собрание и Орлов мост. Според агенцијата, демонстрантите скандираат „Оставка“ и „Херои“, по што следуваат свирежи или бурни извикувања пред зградата на Министерскиот совет.
Луѓето вејат бугарски знамиња, а како и претходните два дена недостасуваат транспаренти, а оние малку кои ги има се напишани своерачно со пораки против Владата и обвинителството.
Во првите редови се вејат и пет црни знамиња.
По околу час и половина поминати во триаголникот на власта, демонстрантите тргнаа на својот традиционален марш кон Народното собрание.
Полицијата со кордон ја отцепила зградата на Министерскиот совет и Претседателството.
Ситуацијата е мирна и нема никакви инциденти.
По синоќешниот протест во Сфоија, полицијата уапси 18 лица откако настанаа судири.
На демонстрациите против корупцијата на улица излегоа илјадници луѓе кои ги обвинија главниот државен обвинител и Владата дека намерно ги одложуваат истрагите за врските меѓу бугарските олигарси и функционерите, „склони кон земање мито“.
Демонстрантите се собраа втор ден по ред откако, по наредба на обвинителството, беше извршена рација во канцеларијата на бугарскиот претседател Румен Радев, кој често ја критикува Владата.
Владејачката партија ГЕРБ, од чии редови доаѓа премиерот Бојко Борисов, соопшти дека Радев подгрева политичка криза која, како што истакна оваа централно-десничарска партија, „може да биде само во служба на сомнителни деловни интереси“.
Во денешното обраќање до нацијата, Радев рече дека протестите покажале оти на Бугарите од сите политички определби им е доста од сè, и ги повика Владата и главниот државен обвинител да поднесат оставка.