Во Владата беа потпишани договори за изградба на детски градинки во општините Арачиново, Карпош, Пробиштип и Валандово.
Министерката за труд и социјала, Мила Царовска, рече дека инвестирањето во градинки е најдобра инвестиција во квалитетно образование.
Четирите градинки треба да бидат изградени во текот на 2020 година и ќе можат да згрижат вкупно 320 деца. Изградба ќе чини 2.1 милион евра – средства обезбедени од грант од Светска банка.
Градоначалниците на општините Карпош, Пробиштип и Валандово – Стефан Богоев, Драган Анастасов и Перо Костадинов зборуваа за проектите за подобрување и зголемување на капацитетите во градинките во нивните општини. Претставникот на Општина Арачиново, пак, Ирфан Лимани, рече дека е задоволен оти ова ќе биде прва детска градинка во Арачиново.