Дрин Ахмеди, внук од братот на Али Ахмети, Фекри, пред неколку месеци стана сопственик на бизнис-центарот „Соравиа“
Дрин Ахмеди, внук на Али Ахмети, лидерот на ДУИ, вечерва бил приведен во центарот на Скопје, откако полициски службеници го сопреле неговото возило и во него нашле пиротехнички средства.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) соопштија дека денеска во 19.50 часот на ул. „Самоилова“ во Скопје полициски службеници запреле патничко моторно возило „ренџ ровер“ со албански регистарски таблички, управувано од Д. А. (25) од с. Зајас – Кичево и при преглед на возилото се пронајдени пиротехнички средства.
„Лицето е приведено во полициска станица и по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок“,
информира вечерва МВР.
Дрин Ахмеди, внук од братот на Али Ахмети, Фекри, пред неколку месеци стана сопственик на бизнис-центарот „Соравиа“.
Тој од 2020 година е сопственик на компанијата за развој на градежни проекти „Тор индустрис“. Инаку, Дрин Ахмеди е косопственик и на фирмата „Еверест ЏД“ која има активна концесија за експлоатација на варовник на локалитетот „Буковиќ“ во Зајас.
Основна дејност на „Еверест ЏД“, основана во 2005 година, е „изградба на други објекти од нискоградба“. Оваа фирма има активна концесија (до 2026) за експлоатација на минерална суровина – варовник на локалитетот Буковиќ, општина Зајас.
Од Комисијата за заштита на конкуренцијата информираа и дека на 9 јуни годинава им било доставено известување за концентрација со која Друштвото за производство, трговија и услуги „Тор индустрис“ ДООЕЛ Скопје и албанската „Пе-вла-ку ШПК“, со адреса во главниот град на Албанија, Тирана, ќе стекнат заедничка контрола над Друштвото за градежништво и услуги „Соравиа инвест“ ДООЕЛ и над Друштвото за градежништво и услуги „Соравиа менаџмент“ ДООЕЛ.
Дрин Ахмеди летоска отфрли поврзаност на лидерот на ДУИ со неговиот бизнис.
Али Ахмети, рече, му е мотивација и тој ѝ помогнал на оваа држава, бидејќи Македонија, вели младиот бизнисмен, денес ќе ја немаше.
„Горд сум што ми е вујко, но тој нема никаква врска со мојот бизнис. Нула поврзаност“,
рече Дрин Ахмеди.