Коментирајќи ја вчерашната ратификација на Пристапниот протокол за членство на нашата земја во НАТО од Шпанија и денешната прес-конференција на министрите Никола Димитров, Радмила Шеќеринска, Бујар Османи и техничкиот премиер Оливер Спасовски, кои изразија надеж и за почеток на преговори со ЕУ, опозициската ВМРО-ДПМНЕ порача дека патот до НАТО бил отворен од страна на претходните влади, а актуелната власт само го променила државното име.
„Оваа влада единствено го промени името, додека сè што требаше да се заврши како висок критериум беше изработено и постигнато од минатите влади“,
стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Прес-конференцијата на министрите во Владата, опозицијата ја оцени како „фалбаџиска“ и уште еднаш ја обвини власта дека во меѓувреме потфрла во борбата со коронавирусот.
„Во исто време додека Димитров зборуваше за некакви високи стандарди, илјадници Македонци со денови се заглавени во европските центри затоа што македонското МНР ништо не презема. Шекеринска е неспособна да изгради прифатилиште во Пепелиште, а не пак да зборува за високи НАТО-стандарди. И додека нè уверуваат дека блескаме, реалноста е содржана во признанието дека Владата нема капацитет и ресурси да прогласи кризна состојба“,
порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
*Поврзана вест:
Спасовски: Членството во НАТО е остварување на стремежот на сите генерации