Заев и СДСМ одат со старите и истрошени кадри на локални избори, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ, откако владејачката партија синоќа обелодени уште петмина кандидати, меѓу кои и актуелни градоначалници.
Опозицијата тврди дека СДСМ не нудат ништо ново, туку ги предлагаат истите луѓе кои, според нив, немаат ниту еден проект.
„Љупчо Николовски вчера кажа дека СДСМ за свои кандидати ги предлага: Тони Делков за Неготино, Борче Георгиевски за Гази Баба, Јасмина Гулевска за Могила, Звонко Пекевски за Берово, и Даниел Крстевски за Ранковце. Сите освен Крстевски се актуелни градоначалници кои немаат направено ниту еден проект. Георгиевски вети 5 градинки, а после четири години едвај успева една да заврши, од другите 4 ниту трага ниту глас. Вети и не направи основно училиште, нема ниту нови водоводи и канализации. Иста е сликата и со Делков, Гулевска и Пекевски. Нема дела, нема проекти, само крадат и прават криминал. СДСМ треба да се разбуди од сонот, сега е 2021 година, а не 2017 година, лагата по втор пат нема да им помине“,
стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Со вчерашните петмина кандидати, досега официјално се познати вкупно 35 имиња со кои социјалдемократите ќе ја бараат довербата од граѓаните на локалните избори во октомври.
ВМРО-ДПМНЕ досега објави тројца кандидати за градоначалници – Борче Јовчевски – кандидат за градоначалник на Прилеп, Кирил Пецаков за Охрид и Марко Колев за Велес.
Партијата брифираше дека избрале уште една група на кандидати и стигнале до бројката од 45 номинирани, меѓутоа, конкретни имиња ВМРО-ДПМНЕ не открива, а нивна официјална промоција се најавува кон средината на август.