Во првичната реакција за снимката, која упатува на средби на Мицкоски со Камчев, опозициската партија посочува на вчерашниот исказ на Бојан Јовановски во скопското обвинителство
ВМРО-ДПМНЕ ја поврзува последната аудиоснимка, која упатува на средби што опозицискиот лидер Христијан Мицкоски ги имал со бизнисменот Орце Камчев – пред откривањето на аферата „Рекет“, со вчерашното појавување на осудениот Бојан Јовановски-Боки 13 пред Основното јавно обвинителство-Скопје.
„Што ли толку впечатливо кажал Бојан Јовановски во новиот исказ пред Обвинителството за власта толку да се засегне и толку панично да реагира и за едно обично одење во болница“,
гласи првичната реакција од ВМРО-ДПМНЕ откако денеска беше објавена снимката, која практично е продолжение на разговорот на Мицкоски со Зоран Милески-Кичеец, кој призна вина за „Рекет“.
Во снимката, Мицкоски му се жали на Кичеец дека бил фотографиран кога одел кај Камчев, со оглед на тоа што бизнисменот, кој е осомничен за „Империја“ на СЈО, бил под ПИ-мерки.
Минатиот месец, кога беа објавени првите снимки од разговорите Мицкоски-Кичеец, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја потврди нивната автентичност и не негираше дека се среќавал со осудениот за „Рекет“ околу ланските претседателски избори.
Бојан Јовановски-Боки 13, кој беше првообвинет за „Рекет“ и доби највисока неправосилна пресуда, пак, вчера, на свое барање, беше во Основното јавно обвинителство-Скопје, каде што поднел повеќе кривични пријави за злоупотреба на службена положба и овластување, изнуда, измама….