Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува власта дека лажно прикажува оти ситуацијата со коронавирусот се смирува и дека реалност е поинаква, односно дека таа е полоша од март кога беше прогласена вонредна состојба.
Во денешното соопштение, ВМРО-ДПМНЕ посочува дека само во изминатите четири дена во Македонија има 99 заразени и 9 починати од коронавирусот, што, според опозицијата, укажува дека ситуацијата е алармантна и дека земјата најлошо во регионот се справува со кризата.
„Да биде целата ситуација позагрижувачка, ваквите страшни бројки ги имаме во период кога власта драстично го намали бројот на тестирања, наместо да го зголемува и да има реална слика за состојбата со коронавирусот“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозицијата го обвинуваат министерот Филипче дека под диктат на Заев ја лаже јавноста дека првата битка со вирусот е добиена, со цел да се оди на избори за да се спаси кариерата на Заев по цена на изгубени човечки животи.
Од СДСМ возвраќаат дека опозицијата предводена од Христијан Мицкоски се обидува да ја внесе државата во политичка криза со тоа што се противи на одржување на избори и го обвинуваат дека е подготвен да го жртвува здравјето да граѓаните, да го саботира развојот на економијата, да ја остави државата без целокупен здрав политички систем во време на криза.
„Токму Мицкоски се согласи за избори на 12 април. Токму ВМРО-ДПМНЕ гласаше за распуштање на Собранието, поддржа распишување на избори, влезе во техничка влада, поднесе пратенички листи, стави печат на кандидатските листи, учествуваше во ждребувањето и дури има и свое бројче на гласачкото ливче“,
се вели во соопштението од СДСМ.