„Дали според СДС требало да се прекршат законите во случајот на Африм Гаши? Оваа држава има институции. СДС тоа тешко го сфаќа зошто во нивно време министрите во работно време играа фудбалчиња во кабинет, полицајци се удираа во ‘пајаци’, во присуство на Ахмети се пукаше со калашникови, а Оливер Спасовски делеше пасоши на мафијаши. Времето на самоволие заврши со смена на власта“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прозивките и обвинувањата од СДСМ
Носител на позиција каква има Африм Гаши е проследена со задолжителен протокол и постојана придружба. Ова се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција на портпаролката на опозициската СДСМ, Богданка Кузеска, на која таа патувањето на собранискиот спикер во Косово со конвој службени автомобили заради приватни причини го оцени како уште еден во низата скандали на коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“.
На обвинувањата на опозицијата, од ВМРО-ДПМНЕ одговараат дека токму спротивната ситуација, односно доколку Гаши патувал без придружба и без обезбедување, претставува прекршок за санкција.
„Спротивната ситуација, немањето на придружба и необезбедувањето претставува прекршок за санкција. Дали според СДС требало да се прекршат законите во случајот на Африм Гаши? Оваа држава има институции. СДС тоа тешко го сфаќа зошто во нивно време министрите во работно време играа фудбалчиња во кабинет, полицајци се удираа во ‘пајаци’, во присуство на Ахмети се пукаше со калашникови, а Оливер Спасовски делеше пасоши на мафијаши. Времето на самоволие заврши со смена на власта“,
се вели во писмената реакција на ВМРО-ДПМНЕ.
Портпаролката на СДСМ, Кузеска на денешната прес-конференција рече дека вчерашните неуспешни обиди да се заташка веста нема да поминат и затоа, како што рече бараат од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и Собранието да одговараат на низа прашања што ѝ ги должат на јавноста, меѓу другото, и за тоа дали Гаши имал патен налог и документација со себе „за одење по невеста“ во Косово.
Дополнително, од СДСМ побараа доколку постојат такви налози, тие веднаш да бидат објавени јавно од Министерството за внатрешни работи (МВР). Доколку постојат такви налози, од СДСМ, д
„Бараме налозите, се разбира ако постојат, да се објават во јавноста. Граѓаните веќе не им веруваат на зборовите на Тошковски и МВР, потребни се докази“,
рече на Кузеска на прес-конференцијата.
Таа упати прашања и до, како што кажа, скандал-мајсторот Гаши, да одговори дали е етички со службено возило да оди по невеста во Косово и дали знае дека тој може да патува и со приватно возило и покрај тоа што неговото обезбедување може да користи службени возила.
Од опозициската партија го прозваа и премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кого Кузеска го праша до кога ќе ги гази сопствените убедувања.
Собранискиот спикер Африм Гаши викендов повторно се најде во фокусот на јавноста, откако на социјалните мрежи се појави видео од колона автомобили, меѓу кои и службеното возило на претседателот на парламентот, кој, според тврдењата, како сват заминал по невеста во Косово.
Видеото изворно беше објавено на фејсбук-профилот на порталот на албански јазик Индекс.мк.
Меѓу првите за случајот реагираа од Либерално-демократската партија (ЛДП) од каде што вчера побараа одговори дали ако собранискиот претседател Африм Гаши имал патен налог, по која основа е издаден, за која намена, во колкаво времетраење и колку сето тоа ги чини граѓаните со чии средства од даноците се одржуваат службените возила.
Од кабинетот на Гаши информациите за неговото патување за Косово со конвој службени возила ги оценија како неточни и тенденциозни тврдења на одредени медиуми, но не прецизираа која била причината за семејното патување во Косово.
Ова е втора непријатна ситуација, за само неколку недели, во која се става самиот Африм Гаши. На почетокот на август тој, без законска основа, го прати своето обезбедување да ја решава ситуацијата на скопскиот аеродром откако косовската претседателка Османи одбила да ги помине безбедносните проверки.