Од опозициската партија бараат тестирањето за корона да биде на увид на стручно тело
Деновиве сме сведоци дека власта го намалува бројот на тестови и тестирани граѓани, а со самото тоа го намалува и бројот на новодијагностицирани пациенти. Постојат болници во кои поголем број од персоналот е позитивен на корона, но и покрај тоа не се тестира целокупниот персонал на лекари и здравствени работници, обвини денеска на прес-конференција членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Николов.
„Која е целта? Како тогаш ќе застанеме и ќе ја знаеме вистинската епидемиолошка состојба? Како ќе можат да се предлагаат мерки и постапки за борба со епидемијата, мерки кои ќе дадат резултат? Дали тие болници се извор на зараза? Дали персоналот е извор на зараза или можеби закана за граѓаните?“,
се дел од прашањата што Николов ѝ ги упати на власта.
Притоа тој обвини дека власта го користи тестирањето за манипулација и дневно политички пресметки.
„Тестирањето е од јавен интерес. Апелираме и бараме уште еднаш, тестирањето за корона да биде на увид на стручно тело, потребен е сериозен пристап, потребно е професионално да се вклучат сите надлежни институции, потребно е да се престане да се манипулира на граѓаните“
рече Николов.
Министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на ваквите обвинувања, досега во повеќе наврати објасни дека бројот на тестови се намалува затоа што се намалува бројот на лица за кои има сомнеж дека се заболени.
