Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, денеска на прес-конференција праша дали зад бегството стои партиска парамилиција на СДСМ вработена во затворите, како и тоа дали новиот избеган затвореник е близок со ДУИ
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска излезе со тврдења за ново бегство од скопскиот затвор Идризово и ги обвини коалициските партнери во Владата – СДСМ и ДУИ за, како што велат од партијата, честата појава на бегства од затворите во земјава.
„СДС и ДУИ не само што молчат за познатите бегства од затвор туку кријат дека има ново бегство од Идризово. По она крваво сценарио пред две недели и наводно преземени мерки, има нов бегалец од Идризово. Целосен дебакл. Ова повеќе не е систем за казна и ресоцијализација, ова е целосно мафијашко решето. СДС и ДУИ мора да сносат одговорност за оваа состојба. Министерството за правда мора да сноси одговорност за епидемијата од бегства од затвор“,
изјави на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Како што посочи тој, очигледно станува збор за добро организиран мафијашки систем кој не би можел да функционира без поддршка од власта.
„Се работи за организирана банда. Очекуваме одговор од Владата. Нема веќе простор за криење и молк“,
рече Стоилковски.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ праша дали зад бегството стои партиска парамилиција на СДСМ вработена во затворите, како и тоа дали новиот избеган затвореник е близок со ДУИ.
„Дали избеганиот со иницијали Р. К., етнички Албанец, кај себе поседува фотоалбум овој пат за блискост со ДУИ. Дали се работи за организирана група блиска до ДУИ. Затворите станаа одморалишта, сиот систем се претвори во гротеска. СДС и ДУИ го претворија правото во баналност. Секој што има врска со нив излегува кога сака“,
праша Стоилковски, нагласувајќи дека затворите очигледно служат само за неистомислениците на СДСМ и ДУИ.
Крвавото сценарио на кое алудира портпаролот на опозициската партија се однесува на бегството на осуденикот Беким Мемети кое се случи на 12 јануари, додека со службено возило на затворската полиција бил транспортиран од затворот „Идризово“ во Клиничкиот центар поради повреда на левата рака. Во бегството, за кое според Обвинителството постојат основани сомневања дека било претходно планирано, беше ранет и еден од затворските чувари.
По случајот со Мемети, во јавноста се појавија информации за уште неколку случаи на бегства на затвореници од казненопоправни установи во земјава, а за дел од нив со обвинувања до власта излегоа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Во врска со случајот со бегството на Мемети, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги осомничи командирот на надворешното обезбедување и тројца затворски полицајци вработени во КПУ Затвор „Идризово“ дека сториле кривично дело противзаконито ослободување лице лишено од слобода од чл. 373 в.в чл. 22 од Кривичниот законик, односно дека бегството на осуденикот било подготвено од претходно.
За тројца, Обвинителството побара и доби мерка притвор. На четвртоосомничениот му е одземен пасошот.
По избеганиот Мемети, кој пред себе имал долгогодишна затворска казна за убиство кое го сторил во 2016 година во Мала Речица, е распишана меѓународна потерница.
На 25 јануари, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, на прес-конференција соопшти дека лицето Нафи Авдиоски, кој, според него, е во бегство повеќе од 10 дена, ставал „лајкови“ на негови статуси на социјалните мрежи од слобода, наместо да биде в затвор. Според Стоилковски, Авдиоски бил осуден на осум месеци за делото измама и врз основа на тоа, бил сместен во полуотворено одделение во Шутка иако, како што рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, зад себе има 16 кривични дела и исто толку неправосилни пресуди. Тој праша како врз основа на овие околности и дали тој смеел да биде сместен во тој дел од затворот.
По бегството на Мемети, Владата на седница го разреши в. д. директорот на Управата за извршување санкции Марјан Спасовски, а на негово место беше именуван Јовица Стојановиќ.