Тендерот е поништен затоа што ќе беше очигледен криминал, реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ откако министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека е поништена набавката за респираторни машини.
„ВМРО-ДПМНЕ беше во право за тендерот за набавка на респираторни машини, а реакцијата на јавноста го запре милионски криминал. Три дена, три различни лаги на Филипче за респираторите“,
велат од опозицијата.
Оттаму ја обвинуваат власта дека во услови на вонредна состојба и светска пандемија од коронавирусот, таа се занимава со криминални тендери во четири очи и класично профитерство.
Информацијата дека е поништен тендерот за респиратори, попладнево на прес-конференција ја соопшти Филипче.
„Заврши јавната набавка на респираторни машини, иако успеавме да постигнеме релативно добра комерцијална цена од 16 илјади евра, ниту еден економски оператор не можеше да го задоволни критериумот за итна набавка заради тоа постапката во тој дел ќе се поништи. Министерството за здравство ќе даде предлог до Владата да ја спроведе истата“,
рече министерот.
*Поврзана вест: Филипче: Набавката на респиратори е поништена, никој не можеше да ги испорача за кратко време