Исплашениот Спасовски, наместо да се правда, веднаш да понесе одговорност. Да признае вина и да си даде оставка, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ по прес-конференцијата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за бегството на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков.
„Нека се прибере Спасовски и нека не глуми лудило. Сега испаничениот Спасовски е најголемиот виновник за бегството на Мијалков. Оливер Спасовски во патетична и панична прес-конференција призна дека Мијалков и поминал на полицијата пред нос, дека власта знаела дека ќе бега и не го спречила“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата обвинија дека власта два дена знаела дека постои опасност Мијалков да избега, но не презела ништо.
„Спасовски денес кажа тоа што Русковска вчера го изјави. Власта знаела цели два дена дека Мијалков ќе бега и не преземала ништо за да го спречи. Според изјавата на Спасовски, Мијалков бил комотен и се шетал сосема слободно, за да и побегне на полицијата во 5 до 12. Самиот факт што тоа е така, значи дека Мијалков е брифиран за секое движење и секоја акција од страна на врвот на власта. Што чекал Спасовски два дена, и зошто дозволил Мијалков слободно да се шета низ Скопје и да го планира своето бегство. Мијалков не можел да избега без помош од Спасовски, особено ако се точни наводите на самиот Спасовски дека Мијалков бил цело време следен од полиција. Тука Спасовски сам падна во замка во обид да се вади“,
се вели во партиското соопштение.