Министерот за внатрешни работи на прес-конференцијата рече дека еден обвинител, уште на денот на завршните зборови за „Таргет-Тврдина“, имал непотврдена информација дека се планира бегство и му ја пренел на еден член на Владата, а на потпрашањето за кој член се работи, рече дека ќе се дознае кога ќе дојде момент
Има приведени лица во врска со бегството на Сашо Мијалков, кои имале контакти, пронајдени се предмети при претресот, кои можат да користат во истрагата и има изјави, но истрагата се уште трае, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Спасовски денеска излезе со хронологија за тоа како се информирале службите од моментот кога Обвинителството ја имало информацијата дека се планира бегство на Мијалков до моментот кога е констатирано дека него го нема во саботата и во неделата.
Во текот на прес-конференцијата излагањето на Спасовски беше на линија дека вината за неизрекување притвор навреме е кај Обвинителството, но сепак рече дека истрагата треба да го покаже тоа.
„Не сакам да вперам прст во никого, треба исто да се има предвид дека еден од обвинителите, кога биле завршните зборови на ‘Таргет-Тврдина’, не велам некој кој бил надлежен за тоа, туку еден обвинител, имал непотврдена информација дека се планира бегство и ја пренел на еден член на Владата“,
рече Спасовски, кој на потпрашањето за кој член се работи, рече дека ќе се дознае кога ќе дојде момент.
Спасовски на прес-конференцијата потенцира дека Мијалков не бил следен бидејќи за тоа немало судска наредба за тоа. Визуелниот контакт за кој зборува е кај подземните гаражи на „Мериот“ и е во рамки на прикриено полициско набљудување на трасата на која се движел од хотелот до објект на улица „Тодор Александров“. Не ја исклучи можноста дека постоел „крт“ кој го информирал Мијалков, но, како што рече, тој би можел да биде сегде во сите институции низ кои минуваат овие информации и истакна дека сѐ уште има остатоци од режимот.
„Се проверуваат и редовите на полицијата“,
рече Спасовски.
Според сознанијата на МВР, Сашо Мијалков сѐ уште е во државата бидејќи, како што рече Спасовски, од 2017 година тој се наоѓа на стоп-листата и се работи на негово пронаоѓање.