Реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ следува откако Оливер Спасовски, потсетувајќи се настаните од 27 април 2017 година, од пред зградата на парламентот оцени дека луѓето што упаднаа насилно во Собранието пред седум години не може да се нарекуваат уставобранители ниту, пак, да бидат помилувани и да им биде простено за стореното
Луѓето од 27 април не бараат милостина ниту, пак, амнестија, туку правда – да не одговараат за делата што не ги направиле, а им ги товарија и припишаа, велат попладнево од ВМРО-ДПМНЕ во писмена реакција на денешната изјава на ексминистерот и носител на СДСМ во „двојката“, Оливер Спасовски, кој кажа дека на изборите на 8 мај треба да се гласа и да се одлучи да не се вратат настаните од 27 април 2017 година.
„Kога веќе Спасовски се одлучи давенички да прави капитал со настаните 27 април, тогаш нека одговори на едноставното прашање кој најмногу искористи со настаните на 27 април? Кој направи влада после овие настани? Дали за монтираниот судски процес не беше наградена Русковска и Кацарска? Како Русковска предвреме ги знаела пресудите за 27 април според јавните сведоштва изнесени во јавноста? Дали Спасовски мирно спие со сознанието дека има драконски казни за дела кои не ги направиле?“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ во писменото соопштение испратено до медиумите.
На изборите на 8 мај, велат од ВМРО-ДПМНЕ, ќе се одлучи дали оваа влада ќе биде поразена и, како што велат од партијата, истата банда ќе се соочи со одговорност или ќе продолжи да краде и распродава.
Реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ следува откако Оливер Спасовски, потсетувајќи се настаните од 27 април 2017 година, од пред зградата на парламентот оцени дека луѓето што упаднаа насилно во Собранието пред седум години не може да се нарекуваат уставобранители ниту, пак, да бидат помилувани и да им биде простено за стореното.
Порача дека „крвавиот четврток“ не смее да се заборави и повтори и повика на масовна излезеност на изборите и глас за СДСМ зашто, како што рече, на 8 мај треба да се одлучи да не се вратат настаните од 27 април.