ВМРО-ДПМНЕ реагира на најавите на СДСМ за прочистување на судството. Во партиско соопштение, опозициската партија обвинува дека власта сака да се пресметува со неистомеслиниците преку монтирани судски случаи.
„Со СДСМ на власт случаи ќе застаруваат, „обичниот“ граѓанин ќе биде казнуван, а на моќниците ќе им се простува, ќе продолжи да цвета корупцијата, непотизмот и партизацијата. Граѓаните се сведоци дека со државата управува мафија. А, на мафијата им се потребни послушни судии кои што ќе пресудуваат во нивна корист. Поради тоа власта ќе се пресметува со неистомислениците преку судот, ќе нарачува обвиненија, ќе монтира случаи, ќе избира подобни обвинители и судии, ќе прави се што сака“,
се вели во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш ја посочија пресудата за сообраќајната несреќа со смртни последици кај Млечниот ресторан во Скопје и побараа целосна ревизија на случајот.
„ВМРО-ДПМНЕ со згрозување констатира нефункционалност и целосна политичка инструираност на судската власт. Вистинското прашање е дали со ваквата неправедна пресуда се штити локален моќник? До кога правдата во Македонија ќе биде неспроведувана? Од оваа влада можеме да очекуваме само неуспеси и разочарувања“,
се вели во партиското соопштение.