Основниот кривичен суд Скопје вчера, по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), му определи 30-дневен притвор на врховниот судија Наке Георгиев, за кој постои основано сомнение за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание
Скандалот со земање мито од 10 илјади евра од страна на судија и јавен обвинител покажува дека власта на СДСМ и ДУИ наместо правен, воспоставила криминален систем, оцени денеска на прес-конференција портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева. Таа ги повика надлежните органи темелно да го истражат случајот, „но и многу други за кои има основано сомнение“.
„Последните случувања со големиот скандал за земање мито од 10 илјади евра од страна на судијата Наќе Георгиев и второосомничениот јавен обвинител Иџет Мемети е само уште еден доказ дека во Македонија власта на СДС и ДУИ, наместо правен воспостави криминален систем. Колку е огромен овој скандал потврдува и фактот што станува збор за кривично дело земање поткуп од судија и јавен обвинител, а истото противправно дејство е со единствена цел – обезбедување олеснителни околности за кривичен случај кој се води против поранешен градоначалник на Ново Село – Боро Стојчев. Додека сите ние чекаме и бараме правда, одговорните за спроведување на правдата се први во криминалот“,
посочи Митева.
Според неа, по откривањето на овој скандал, логично се поставува прашањето дали ова е единствен случај или пак има и други.
„Дали и колку илјадници евра биле барани за случаите со финансиски криминали, трговија со дрога, убиства и слично за кои јавноста е сведок дека не видовме ниту право ниту правда? Дали е точно дека во правосудството само во изминатите неколку години биле изрекетирани неколку милиони евра? Колку Накевци и Иџетовци инсталираа СДС и ДУИ во македонското правосудство? Остана да лебди и прашањето дали и колку длабоко пипците на судскиот октопод се раширени во системот и дали главата на тој октопод се всушност функционери на власта на СДС и ДУИ“,
изјави портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ.
Основниот кривичен суд Скопје вчера, по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК ), му определи 30-дневен притвор на врховниот судија Наке Георгиев, за кој постои основано сомнение за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание.
Претходно, Судскиот совет на итна седница одлучи да му го одземе имунитетот на Георгиев и да ја одобри мерката притвор.
Покрај за Георгиев, ОЈО ГОКК отвори истрага и против уште едно лице поради сомнение за сторено исто кривично дело примање награда за противзаконито влијание.
Попладнево од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија информираа дека до судија на претходна постапка јавен обвинител на ОЈО ГОКК доставил барање на членот и заменик-претседател на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети да му бидат одредени мерки за претпазливост.
ОЈО ГОКК бара мерки на претпазливост за Иџет Мемети, меѓу кои и одземање на пасошот