Подолга работна недела која власта треба да ја овозможи за изградба на автопатиштата од „Бехтел и Енка“ треба да овозможат предлог-измените на Законот за работни односи кои денеска беа на дневен ред на собраниската Комисија за труд и социјална политика. ВМРО-ДПМНЕ бараше да се прекине расправата, а и побара да се почитува одлуката на Уставниот суд донесена минатата година, според која работниците не може да работат по 60 часа неделно на автопатиштата
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ѝ се заблагодари на Владата бидејќи, како што велат, ги потврдила укажувањата дека „со договорот за Коридорот 8 ќе се плаќаат трошоци од државниот буџет ако не се исполнат условите“.
„Им благодариме од влада што ни го потврдија нашето укажување дека со договорот за Коридорот 8 ќе се плаќаат трошоци од државниот буџет доколку не се исполнат условите кој тој ги содржи. Е сега две прашања: кога ќе си поднесе оставка Димитар Ковачевски и координаторот за криминал Артан Груби? Второ, кога ОЈО ќе поведе истрага за кривична одговорност? Затвор не ви бега!“,
гласи реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Вчера, потпретседателот на партијата, Александар Николоски, во Дневникот на ТВ Сител рече дека Владата се согласила на огромни пенали кон американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ ако не се обезбеди поголема работна недела.
„Прво, државата еднократно ќе ѝ исплати на ’Бехтел‘ 53 милиони евра пенали. Понатаму, секој месец ќе доплаќа по дополнителни 1 265 000 евра на веќе постојните трошоци коишто треба да се платат во договорот. На ова дополнително ќе треба да се платат уште 900 000 евра секој месец“,
рече Николоски.
Денеска, пак, од Владата се огласија со одговор дека „ја демантираат шпекулацијата“, но посочија дека според договорот доколку не му се овозможи поголема работна недела на изведувачот, на сметка на државниот буџет ќе бидат сите трошоци за изградба на автопатиштата откако ќе помине предвидениот рок за изградба од речиси пет години.
„Ја демантираме шпекулацијата дека се предвидени пенали за државата доколку не се донесе пакетот закони во Собранието. Согласно обврските во склучениот договор, Изведувачот може да работи во услови во кои важат постоечките одредби од законските решенија врзани со изградбата на коридорите 8 и 10-Д, но во тој случај рокот за изведба би бил подолг од 5 години. Во овој случај државата ќе има обврска да ги исплаќа трошоците за изградба во дополнителните години градежни работи, што во краен случај, државата и граѓаните ќе ги чини повеќе средства“,
гласеше дел од одговорот на Владата.
Поголема работна недела власта се обидува да овозможи преку измени на Законот за работни односи, кои вчера со предлог-измени на уште седум други закони влегоа во собраниска процедура односно пратениците ја излгасаа потребата од нивно носење по скратена постапка. Можноста за поголема работна недела, според предложените измени, е за проекти од стратешки и национален интерес, каков што е прогласен проектот за изградба на коридорите 8 и 10-д.
Денеска ваквите измени се најдоа на дневен ред во собраниската Комисија за труд и социјална политика. На седнциата, опозицијата во повеќе наврати побара да се прекине расправата, бидејќи, според нив, истата е беспредметна. Според опозицијата, на овие измени треба да се посвети многу поголемо внимание и неопходна е јавна расправа во која што би можеле да учествуваат сите засегнати страни меѓу кои и синдикатите и граѓанските организации.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска, побара да се почитува одлуката на Уставниот суд донесена минатата година, според која работниците не може да работат по 60 часа неделно на автопатиштата и предложи расправата да се прекине.
„Предлагам да се прекине расправата, да се врати на дискусија со пошироката јавност, експертите, синдикатите, Државната комисија за спречување на корупција“,
рече Ласовска.
Ново продолжение на седницата на Комисијата за труд и социјална политика е закажано за утре во 13 часот.
За пакетот предложени законски измени денеска се огласи и претседателот Стево Пендаровски. Тој рече дека е рано да размислува за ставање вето бидејќи сè уште нема конечна верзија на измените, но нагласи дека предложените одредби во однос на Законот за работни односи се неуставни имајќи ја предвид одлуката на Уставниот суд. Покрај овој, тој забелешки има и за предложените измени на Законот за експропријација каде исто така смеа дека има неуставна одредба.